• понеделник, 08 јули 2024

Министерството за култура го објави конкурсот за Град на културата за 2024 година

Министерството за култура го објави конкурсот за Град на културата за 2024 година

Скопје, 20 ноември 2023 (МИА) - Министерството за култура го објави конкурсот за финансирање проект од национален интерес - манифестацијата „Град на културата во 2024 година“.

Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на националниот портал за е-услуги „https://uslugi.gov.mk“, почнувајќи од денеска во 8:00 часот, заклучно со 29 декември 2023 година во 23:55 часот.

Од Миинстерството соопштија дека на конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во Северна Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во Градот Скопје.

Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање, корисниците ќе може да ги најдат на веб-страницата „https://uslugi.gov.mk/frequently-asked-questions.nspx“, како и преку контакт-центарот на националниот портал за е-услуги.

-Еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините низ државава, велат од Министерството.

„Град на културата“ во 2023 година беше Крушево, чија комплексна и содржајна програма се одвиваше под мотото „Крушево – жив споменик на културата“. Општина Крушево, во годината кога се одбележа и 120 години од Илинденското востание, пулсираше во ритамот на македонската култура и го промовираше македонскиот идентитет и посебност.бт/аа/

Фото/Министерство за култура

Остани поврзан