• сабота, 23 ноември 2024

Министерот Перински на состанок со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион 

Министерот Перински на состанок со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион 

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска на состанок со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион ги отворил сите приоритетни прашања со кои што се соочуваат локалните власти.

Како што соопштија од владината прес-служба, министерот Перински истакнал дека најважно е да се приоретизираат потребите на граѓаните и со добри проекти ќе се пристапи кон нивно ефикасно решавање.

- Владата обезбеди средства и решавањето на потребите на граѓаните за нас е приоритет, затоа општините треба да покажат подготвеност за ефикасна реализација на расположливите сто милиони евра само за оваа година, се додава во соопштението.

На состанокот било истакнато дека министерството за локална самоуправа ќе ги обезбеди сите услови процесот на прибирање на проектите и нивната проверка да биде ефикасен и транспарентен.

- Сите општини имаат еднакви можности, ова е шанса да се покаже спремност дека општините имаат капацитет од следната година да реализираат и поголеми средства. Целта на Владата е за неколку години да се надминат егзистенцијални прашања со кои што граѓаните во денешни услови не треба да се соочуваат, како што се подобрување на уличната инфраструктура, комуналната и социјалната инфраструктура. Очекуваме проекти кои што ќе решаваат реални проблеми и ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните во целата држава, рекол Перински.

Од страна на претставниците на локалните самоуправи било истакнато дека ќе аплицираат на повикот со цел да се обезбеди реализација на покрупни капитални инвестиции, пришто беа посочени проекти од типот прочистителна станица за село Трпејца во Охрид, водоводен систем за село Сланско во Македонски Брод и пат Пласница - Преглово - Дворци - Лисичани во Општина Пласница како дел од инвестициите за кои општините ќе аплицираат. цр/нд/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан