• вторник, 05 ноември 2024

Милошоски: Забелешките на ВМРО-ДПМНЕ на Предлогот се конкретни за македонскиот пат да биде заштитен од анахрони и ретроградни процеси

Милошоски: Забелешките на ВМРО-ДПМНЕ на Предлогот се конкретни за македонскиот пат да биде заштитен од анахрони и ретроградни процеси

Скопје, 7 јули 2022

Денешната прес конференција би сакал да ја искористам за подетално да ги претставам шесте забелешки кои што ВМРО-ДПМНЕ со аргументи ги има посочено како клучни кон францускиот предлог и сметаме дека истите доколку се прифатат од страна на Владата можат да го подобрат квалитетот на овој предлог. И со тоа преговорите и самиот европски пат на Македонија да го направат барем малку поефикасен или да го заштитат од некои ретроградни, анахрони процеси за бесполезни разговори за историјата, образованието и националните херои.

Во двата документи кои што досега се достапни во јавноста, едниот е општиот став на ЕУ или т.н. преговарачка рамка, во тој документ имаме две забелешки, а тоа е во точката 3 зборовите „ЕУ ги зема во предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Македонија за македонски јазик“ да се избришат и да стои дека законодавството на ЕУ се преведува само на македонски јазик.  И да нема никакви дополнителни декларации кои што би го обременувале јазикот или би го толкувале бидејќи ниедна трета држава нема право да толкува јазик на било која друга држава.

Во точката 5 од преговарачката рамка да се избрише последната алинеја која што гласи: „Имајќи го во предвид горенаведеното, посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка вклучително и преку постигнување на видливи резултати, спроведување на билатералните договори во добра волја, Договорот од Преспа со Грција, Договорот за добрососедски односи со Бугарија како и годишните прегледи за негово ефективно спроведување според член 12“.  Ова е замка бидејќи годишните прегледи кои што се повикуваат на член 12 преведено на поедноставен јазик за јавноста значи билатералниот македонски – бугарски протокол кој што се уште Владата го крие. И затоа сметаме дека не треба да го обременува овој документ бидејќи истиот нема да служи за постигнување на стандарди туку ќе служи само некои политички конфротации и тензии кои што нема да донесат добро ни на Македонија, ни на Бугарија, ниту пак на европските стандарди според Копенхашките критериуми.

Во документот наречен „Заеднички став на ЕУ“ предлагаме 4 измени. Во точката 1 по зборчето  „на“ да се избришат зборовите „првата фаза од“. Ова значи дека би сакале ние Македонија да не биде преседан и за Македонија да нема прва и втора  фаза од почеток на преговорите затоа што во ваквиот документ очигледно е дека Македонија нема да ги почне преговорите во моментот кога членови на владата ќе имаат заедничка, фамилијарна фотографија со членови на ЕК. Туку со бришење на овие зборови да се знае дека почетокот на преговорите се склучува веднаш и не е поделен на фази.

Потоа поврзано со оваа измена би сакале да се избрише и точката 11 која што гласи „Оваа преговарачка рамка ќе биде презентирана врз основа на општиот став на ЕУ, за време на следниот состанок на меѓувладината конференција која сме подготвени да ја одржиме без понатамошни одлагања веднаш штом Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на  уставните измени“. Сметаме дека преговорите не треба да бидат условени од уставни измени, бидејќи токму ЕУ ако се сеќавате уште со комисијата на познатиот француски правник Бадентер беше оценета дека има најдобар Устав според кој заслужува да биде признаена како независна и демократска држава. И цениме дека Европа треба да се придржува до своите документи и да не ја условува Македонија, почетокот на преговорите да и зависи од уставни измени кои што дома ќе донесат само политичка поларизација, недоразбирања, а во македонско-бугарските односи дополнителни тензии.

Потоа во точката 13 имаме предлог да се изостават зборовите „откако Македонија ќе ги исполни релевантните критериуми договорени од Советот“. Сметаме дека и ова излишно, бидејќи Копенхашките критериуми се доволно јасни.

И во точката 14 да се избришат зборовите „потсетуваме на важност од постигнување видливи резултати, спроведување на билатералните договори, во таа насока го поздравуваме Договорот за протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој Договор“. Овој член 14 од заедничкиот став на ЕУ најдецидно ја демантира власта која што крие дека Протоколот е дел или не е дел од преговарачката рамка.

Гледаме дека во европските документи јасно е укажано дека македонско-бугарскиот билатерален Протокол е дел од преговарачката рамка и сметаме дека таквиот Протокол не е дел од европските стандарди и Македонија не треба да прифаќа ваков преседан.

  Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ ————————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан