• сабота, 21 декември 2024

Милошоски: Добро би било во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на рамноправен начин

Милошоски: Добро би било во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на рамноправен начин

Скопје, 28 октомври 2024 (МИА) - Добро би било во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на еден рамноправен начин, изјави вечерва потпретседателот на Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски. 

- Предолго трае оваа политичка драма во Бугарија и на овие избори нема убедлив победник, туку дополнителна фрагментација. Оваа ситуација ќе биде уште покомплицирана, бидејќи во составот на новото Собрание во Бугарија влегуваат три политички партии кои се радикална десница односно антиевропски настроени, истакна Милошоски во гостување во централниот Дневник на Сител ТВ во „Тема на денот“.

На Македонија, потенцира тој, за понатамошни преговори со Бугарија и одговара стабилна влада со две партии. 

- Пречките со напредокот на Македонија би ги поврзал со директна фрагментираност во Бугарија. Проблемот во Македонија настана во моментот кога во Бугарија имаше стабилни влади но за жал, претходната Влада во Македонија прифати услови со кои создаде пречка за сите идни влади во Македонија. Затоа сметам дека потпишувањето на тој фамозен втор протокол од страна на поранешниот министер Бујар Османи заедно советуван со Ковачевски, Маричиќ и другата група раководители на надворешната политика кога го направија најголемиот проблем кога дозволија Македонија да влезе во лавиринтот на билатерализација на историски прашања како пречка на патот кон ЕУ, рече Милошоски.

Тој истакна дека македонскиот план звучи логичен и наидува на разбирање кај голем дел од соговорниците во ЕУ.

-Според мене она што беше добиено како порака од посетите на владината делегација во Берлин е дека сепак македонскиот план звучи логично, има аргумент и истиот наидува на разбирање кај поголем дел од соговорниците во рамки на ЕУ, но мора да се напомене дека за истото треба да даде согласност и официјална Софија, затоа би било добро во Софија да има стабилна влада за да може да се разговара на еден рамноправен начин, посочи Милошоски.

Зборувајќи за ДУИ, пратеникот рече дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се справува со последиците оставени од владеењето на СДСМ и ДУИ меѓу кои и огромен буџетски дефицит и падната доверба на граѓаните во институциите на системот.

Но, од друга страна пак, вели Милошоски, ДУИ тешко се справува со позицијата во опозиција и смета дека нивниот претседател, очигледно, во обидот да привлече внимание и кај актуелната влада и кај меѓународната заедница манипулативно отвара теми кои не соодвестуваат со реалноста.

Во однос на писмото што денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети го испрати до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, Милошоски вели дека самиот се побива бидејќи тој лично пред неколку години потврди дека Охридскиот договор е завршена работа и партијата ја ребрендираше во зелена.

-Прво, самиот Али Ахмети се побива себе си со ова напишано писмо, бидејќи тој лично како претседател на ДУИ во 2021 година тука во Скопје промовираше на роденденот на ДУИ дека Охридскиот договор е завршена работа, националните теми се затворени и затоа ДУИ се трансформира во зелена партија со агенда за животната  средина. И сега одеднаш кога падна ДУИ во опозиција ја нема животната средина ја нема зелената агенда, не е приоритет, сега повторно се оди на етнизирање на одредени теми како балансерот или слични други алатки кои ДУИ кога била на власт се согласила да бидат избришани, рече Милошоски.

Смета дека ваквото негово писмо, како што вели, е патетично и е еден очаен обид за да се привлече внимание врз себе како одреден фактор од кој што зависи стабилноста или нестабилноста на државата. 

-Но тие времиња поминаа и најдобро е ДУИ да си посвети внимание на сопствените внатрепартиски реформи, рече Милошоски.

Али Ахмети, додаде тој, има обврска да си ја реформира партијата од високата корупција. ев/са/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

 

Остани поврзан