• вторник, 05 ноември 2024

Мизрахи: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Мизрахи: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации
Охрид, 7 октомври 2022 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации со што не само ќе се спречи идно формирање на вакви квази културни клубови туку и ќе може да се реагира за веќе постојните кои власта на СДСМ дозволила да се регистрираат и е нивен соучесник. Ова го изјави денеска во Охрид пратеничката од ВМРО - ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, а по повод отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети” во Охрид. - Ова не се европски вредности. Затоа, уште денес на овие процеси мора да се стави крај. По, Ванчо Михајлов и Цар Борис III, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот не се само Евреите, македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар, изјави меѓу другото Мизрахи. Во последниве две години, рече таа, на политичката сцена во Македонија и Бугарија, се повидливи стануваат актерите кои се залагаат за ревидирање на историјата, историските факти што меѓу останатото, подвлече, резултира со обиди за  искривување на вистината за холокаустот на Евреите од Македонија. Според неа, ова е во целосна контрадикторност со резолуцијата на Обединетите Нации за спречувањето на негирање на холокаустот од 20 јануари 2022 година, како и дефиницијата на игра која е усвоена од Европската комисија. - Само еден елемент на овој процес е отворање на т.н. „културни центри“ со називи на контроверзни историски личности и фашисти, како што е Цар Борис III, кои имале директно учество во геноцидот на Евреите од Македонија. Би сакала да нагласам дека Евреите од Македонија се дел од европското семејство и ваквите процеси, за мене, а верувам и за сите вас се неприфатливи и претставуваат повеќе од сериозна провокација, истакна пратеничката од ВМРО - ДПМНЕ. Се осврна на тоа дека пред 22 години на третата конференција за холокаустот во Стокхолм поточно во 2000 година, барањето на Република Бугарија да биде прогласена за земја праведник – земја која ги заштитила Евреите од депортација, како што рече, било одбиено од учесниците на конференцијата со образложение дека монархофастичкиот режим во Бугарија предводен од Цар Борис III и владата на Богдан Филов изврши депортација на 11.363 Евреи од Македонија, Тракија и југоисточните делови на Србија. - Како што знаете, Македонија во текот на Втората светска војна загуби 7.144 Евреи од Македонија кои беа депортирани од бугарската фашистичка војска, во логорот на смртта - Треблинка од каде никој не се врати. Во нивен спомен обележје во Скопје е изграден меморијален центар, кој воедно е и единствениот сефардски меморијален центар во светот. Официјалната документација, која ја раскажува вистината за овие случувања во време на Втората светска војна, се наоѓа во самиот меморијален центар, меѓутоа и во Вашингтонскиот меморијален центар како и Јад Вашем во Израел и се јавно достапни, говореше Мизрахи. сс/цр/

Остани поврзан