• вторник, 05 ноември 2024

МИА 78. членка на Мрежата за медиумска писменост

МИА 78. членка на Мрежата за медиумска писменост
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Медиумската информативна агенција (МИА) од минатата недела е 78 членка на Мрежата за медиумска писменост. Претставници на МИА, главниот и одговорен уредник Ана Цветковска и уредникот Сашко Панајотов денеска присуствуваа на годишниот состанок на Мрежата, кој се одржува на претпоследниот ден од овогодишните Денови на медумска писменост, кои оваа година се одржуваат под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“. На состанокот беа презентирани резултатите од гласањето за два членка на Координативната група на Мрежата, а координаторката на Мрежата, Емилија Петреска Камењарова ги презентираше активностите кои се работени во текот на годината што изминува, говореше за членството во ЕМИЛ и за претставувањето на Мрежата пред европските регулатори. Притоа напомена дека земјава е една од првите во Европа, која создава ваков вид на мрежа за медиумската писменост, со вклучување на различни чинители во општеството, кои можат да придонесат во оваа сфера. Таа нагласи дека тоа е препознаено од Европа и дека од нас искуства за ваков вид вмрежување користат голем број европски земји. Даниела Станковска Плачковска од Агенцијата за филм, говореше за активностите на Работната група за филмска писменост на Мрежата. На состанокот, главниот и одговорен уредник на МИА Цветковска напомена дека Агенцијата отсекогаш била стожер во борбата против лажните вести, имајќи го предвид агенциското новинарство, кое бара точна и проверена информација, поткрепена со сигурни извори, но и дека Агенцијата изминатите години ги следи и известува за активностите на Мрежата во рамки на Деновите за медиумска писменост. Таа додаде МИА изминатите години пред сите поважни политички случувања и избори објавува различни медиумски продукти за подигнување на свеста на граѓаните, за тоа како да препознаат лажна вест и дезинформација, кои особено се интензивираат во тие периоди. Цветковска додаде дека имајќи го предвид влијанието кое МИА го има во медиумскиот простор, Агенцијата придонесува овие информации да опфатат голем дел од публиката, а оваа година одлучи и официјално да се приклучи кон Мрежата за одблиску да го даде својот придонес. Преку годинашните Денови на медиумската писменост се отворија повеќе аспекти на различностите во медиумите. Со изработка на мултимедијалната тема „Медиумска писменост - писменост на 21. век“ МИА како дел од Мрежата за медиумска писменост, се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, чие што мото е „Негување доверба: Императив за медиумската и информациската писменост“. Мрежата за медиумска писменост е создадена со цел да ги олесни комуникацијата и консултацијата меѓу различните субјекти во земјава кои работат на подигнувањето на нивото на медиумската писменост на сите граѓани. Таа треба да  придонесе за почеста соработка меѓу релевантните чинители и за подобри и поодржливи резултати од проектите. Мрежата беше создадена во 2017 година од 35 членки-основачки, а денес има 78 и е континуирано отворена за нови членови. бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан