• сабота, 05 октомври 2024
МИА Флеш

31 мај 2024

 

Скопје - Со Министерството за внатрешни работи од денеска ќе раководи Назим Буши, соопштија од МВР. Досегашниот министер во техничката влада, Панче Тошковски официјално му ја предаде должноста министер за внатрешни работи на Назим Буши, досегашниот заменик министер за внатрешни работи. - По денешното примопредавање на должноста, согласно законски одредби на Република Северна Македонија, Назим Буши ќе раководи со Министерството за внатрешни работи до почетокот на функционирање на новиот владин состав, поточно до именувањето на новиот министер за внатрешни работи, соопштија од МВР.

Скопје - Траат преговорите за учество во идната влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ, информираат за МИА претставници од политичките партии кои се дел од работните групи. Тие истакнуваат дека преговорите се во завршна фаза, но не ги откриваат  имињата на новите министри. Посочуваат дека кога ќе го финишираат договорот, сите детали ќе и бидат соопштени на јавноста. Рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7 јуни.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Јавниот обвинител до Кривичниот суд достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети соизвршители и мерката куќен притвор за нивниот помагач. Тројца од обвинетите се гонат за едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.7 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и едно кривично дело – Убиство од чл.123 ст.2 т.1 и т.4 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик и двете казниви по чл.123 ст.3 од Кривичниот законик, едно кривично дело – Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик и едно кривично дело  – Грабнување од чл.141 ст.1 в.в. со чл.22 од  Кривичниот законик.

Скопје - Во првиот квартал годинава живородени се 3632 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 0,7 проценти.  Бројот на умрени лица во првите три месеци од годинава бележи намалување од 0,6 проценти во споредба со истиот период од минатата година и изнесува 5199, а од нив осум се умрени доенчиња, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.  Природниот прираст во првиот квартал годинава е негативен и изнесува -1567 лица, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Скопје - Во 2023 година во однос на 2022 година, бројот на пријавени деца во судир со законот – сторители на кривични дела е намален за 8,5 проценти, а бројот на осудени деца во судир со законот – сторители на кривични дела е зголемен за 17,2 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).  Пријавени се 433 деца во судир со законот,  при што во 287 случаи е поднесен предлог за изрекување казна/мерка, за 110 не еповедена постапка, а за 36 е запрена постапката. Вкупно се осудени 307 деца на возраст од 14 до 18 години, од кои 120 за кривични дела против имотот, 70 за кривични дела против јавниот ред, 43 за кривични дела против животот и телото, 37 за кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај,...

Скопје - Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ распиша Конкурс за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ во 2024 година кој ќе биде отворен од 1 до 30 јуни годинава, информира денеска Министерството за култура.  Со државната награда „Св. Климент Охридски“ се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Скопје - Движењето на граѓаните на Водно во близина на гасоводната делница Скопје – Гостивар ќе биде регулирано и тоа во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) пренесувајќи ја информацијата од фирмата „Рапид билд“ ДОО. Регулираното движење во близина на гасоводната делница Скопје - Гостивар, во сигурносен појас од 100 метри од двете страни на цевката, како што велат од ЦУК е поради пневматско испитување на цврстината и непропусност на магистралниот гасовод во три последователни временски интервали во периодот  од 30 мај до 22 јуни 2024 година.

Скопје - УХМР информира дека следните денови ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен и југозападен правец. Во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Според УХМР, поради големата енергија во атмосферата наместа процесите ќе бидат и во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.

Белград - На граничниот премин Прешево-Табановце, српските царински службеници во средата, спречиле обид за шверц на три скапи рачни часовници чија вредност се проценува на повеќе од 34.000 евра, јави дописникот на МИА од Белград. Царинската управа соопшти дека шверцерите биле откриени на влез во Србија, при преглед на автомобил со странски регистарски таблици.

Скопје - Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор во Бугарија денеска изјави дека францускиот предлог не е добар за Македонија и дека Договорот со Бугарија може да се репреговара.  - Францускиот предлог не е добар за Македонија. Договорот со Бугарија може да се репреговара. Има член каде што стои дека може да се репреговара, рече Ѓорчев во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21. 

Штип - Крводарителска акција под мотото „Биди хуман како Тоше“, документарен филм за Тоше, настап на музички ѕвезди и главниот настан „Ноќ на емоции“, ќе се одржат в четврток 6 јуни, за кога е закажан коцертот за Тоше Проевски. Ова беѓе најавено на денешната прес-конференција од страна на организаторите во Дом на млади во Штип. - Концертот ќе се одржи на 6 јуни во четврток овде во Дом на млади Штип. Ќе има низа активности. Од 10 до 16 часот ќе се одржува крводарителска акција под мотото „Биди хуман како Тоше“. Во 19:30 часот започнува премиерата на документарниот филм кој е снимен за Тоше. Времетраењето на филмот е еден час. На крајот е главниот настан „Ноќ на емоции“,  вели Горан Стаменков, организатор на настанот. 

Белград - Во пресрет на неделните локални избори во 88 градови и општини и повторените избори за градот Белград, анкетите не ги поддржуваат надежите на опозицијата за промена на политичкиот пејзаж на главниот град на Србија, каде и покрај бојкотот на поголемите партии опозицијата се надева на победа против владејачката Српска напредна партија (СНС), како и во Ниш, Нови Сад и Чачак, јави дописникот на МИА од Белград. Анкетата за определеност на гласачите што ја спроведе Ипсос покажува дека очекуваната излезеност ќе биде 49,6 отсто, односно се очекува да биде во интервал од 47,2 посто до 52 проценти во однос на бројот на запишани гласачи.

Берлин - Германската влада и дозволи на Украина да користи оружје испорачано од Германија против воени цели во Русија, објави денеска во Берлин, владиниот портпарол, Штефен Хебестрајт, јави ДПА.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ги отфрли руските закани за ескалација на нападите откако САД ја овластија Украина да користи американско оружје за цели во Русија.-Ништо ново. Ова е дел од напорите на рускиот претседател Владимир Путин да ги спречи сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина, изјави Столтенберг пред состанокот на НАТО во Прага. Американскиот претседател Џозеф Бајден и даде зелено светло на Украина да гаѓа цели на руска територија, во регионот Харков, под одредени услови.

Будимпешта – Намерата на НАТО да покаже поголема емпатија кон Украина во конфликтот со Русија наликува на постапките на пожарникар кој се обидува да изгасне пожар со ПП апарат, изјави денеска премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Тој, во контекст на денешниот состанок на министрите за одбрана посветен на воената помош за Украина, истакна дека „НАТО секоја измината недела се доближува до војна“. Според Орбан испраќање француски воени инструктори во Украина и дозволување на украинската војска да користи западно оружје во нападите врз руски цели се „вознемирувачки идеи“ кои го доближуваат НАТО до војна.

Пекинг - Шефот на кинеската одбрана им рече на Соединетите држави дека Пекинг не обезбедува оружје за ниту една страна од конфликтот во Украина и дека Кина има „непристрасна позиција“, изјави денеска кинескиот портпарол. -Ја почитувавме нашата заложба да не даваме оружје на ниту една страна од конфликтот. Во согласност со законите и прописите, воведовме строга контрола на извозот на воени предмети, рече портпаролот по одржаните разговори меѓу американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот кинески колега Донг Џун. 

Истанбул – Поранешниот фудбалски стратег Жозе Мурињо ќе седне на клупата на турскиот гигант Фенербахче, објави денеска италијанскиот новинар Џанлука Ди Марсио. Според изворот, назначувањето на 61-годишниот Португалец може да биде објавено уште денеска, а Мурињо ќе потпише двегодишен договор со турскиот клуб. Мурињо е без тренерски ангажман од јануари кога му беше врачен отказ во Рома.

Тагови

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан