
24 март 2025
Скопје - Северна Македонија не поставува услови кон Европската Унија, бидејќи процесот на интеграција на земја-кандидат се прави со наше барање, изјави денеска министерот за европски прашања, Орхан Муртезани одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по повод префрлањето на првата транша од средствата од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст.
-Условите за пристапување ги поставува Брисел со соодветна динамика и реформи, а во Реформската агенда тоа е поврзано и со конкретни датуми, така што се што останува на нас е тие реформи да ги имплементираме, ние не поставуваме услови, туку споделуваме загриженост околу тоа што сметаме дека во минатото е направено погрешно, и се обидуваме тие грешки во иднина да ги елиминираме, рече Муртезани.
Скопје - По сите направени испитувања, денеска од јавните здравствени установи во Скопје се очекува да бидат испишани 16 пациенти од трагедијата во Кочани. Како што најави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција, тие ќе продолжат со лекување во домашни услови. Триесет пациенти ќе продолжат да се лекуваат во јавните здравствени установи во главниот град на државава.
Како што информираше Таравари, во државава моментално се лекуваат 54 пациенти од трагедијата во Кочани. Четириесет и шест низ јавните здравствени установи, а осуммина повредени во приватни болници.
Скопје - По добиено известување од Министерството за внатрешни работи дека во скопската населба Маџари, диво работи магацин за храна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со полицијата спроведе вонреден инспекциски надзор во див објект каде била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло.
-Во објектот кој служел како магацин за храна, а кој не е регистриран во АХВ како оператор, инспекциските служби на Агенцијата нашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени, соопшти денеска АХВ.
Радовиш - Премиерот Христијан Мицкоски очекува да продолжи растот на економијата и во првиот квартал, по позитивните резултати во претходните два квартала. Посочува дека расте просечната плата и оти пензионерите ќе добијат зголемени пензии, како и дека наследените проблеми во земјоделството се надминати.
- Продолжува да расте просечната плата и покрај тоа што многумина политички глодари од позиција на опозиција, ја напаѓаа Владата дека била против растот на платите. Еве, гледате дека растат. Очекувам да продолжи економската консолидација. Имавме два супер успешни квартали, четвртиот и третиот квартал од минатата година. За првпат забележавме раст после долго време од три проценти и сме во првите пет најбрзорастечки економии во Европа. Очекувам тој тренд да продолжи во овој прв квартал од оваа година, истакна претседателот на Владата, на новинарско прашање при посетата на Радовиш.
Радовиш – Апсолутно ги разбирам сите оние кои одлучиле својот легитимен гнев, да го изразат преку демократска алатка, а тоа се протести. Но, не можам никако да ги оправдам оние политички глодари, лешинари, коишто не сакаат силна Влада од ВМРО, бидејќи е браник и последниот столб да не дозволи уништување на Македонија, како држава, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој при посетата на Радовиш беше прашан за коментар за протестите по трагедијата во дискотеката во Кочани.
Премиерот Мицкоски посочи дека протестите се демократска алатка на изразување на незадоволство.
Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локалната самоуправа, како и на други материјални закони, со цел, како што велат, да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над истите.
Скопје - Собранието на Република Северна Македонија ги откажува сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари поради трагедијата во Кочани, соопшти собраниската прес-служба.
Одлуката била донесена на денешната координација одржана во Собранието на која присуствувале претседателот на Собранието Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска и координаторите на ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Влада и генералната секретарка на Собранието.
Скопје - Хелсиншкиот комитет за човекови права во денешното соопштение апелира да се запре со говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми, како и замолчувањето на младите.
- Во неделата на жалост по трагедијата со пожарот во Кочани, повторно сме сведоци на загрижувачки пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи, но и во некои медиуми. Барањето на одговорност од надлежните институции од страна на граѓаните и особено од страна на младите се поврзува со дејствување на политички партии и наместо достоинство и одговорност, гледаме навреди, обвинувања, говор на омраза и повикување на насилство. Сето ова добива размери на загрижувачки опасна онлајн хајка, се наведува во соопштението.
Скопје - СВР Скопје ги известува граѓаните дека вечер од 19 часот ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќајот во центарот на Скопје поради одржување протестен марш.
-Протестниот марш ќе почне на Плоштад „Македонија“, а во 19.30 часот ќе се продолжи со движење кон Собрание на РСМ на ул. „11 Октомври“, потоа по ул. „Филип Втори Македонски“, лево по бул.„Гоце Делчев“ до пред Влада на РСМ на бул.„Илинден“, информира Секторот за внатрешни работи Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Скопје - Во Основниот кривичен суд денеска со прашања на Судот завршува сослушувањето на Велибор Манев, еден од обвинетите за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, по што се очекува да продолжи со сведочење на Боре Видевски. На денешното рочиште, Манев во одговори на прашања од Судот, генерално, ги повтори деталите околу грабнувањата и убиствата на Вања и Панче кои ги изнесе на минатото рочиште.
Прашањата од Судот најпрво беа поврзани со денот пред убиството на Панче, во врска со тоа дали во неговиот дом биле Боре Видевски, Љупчо Палевски и Влатко Кешишев и дали сите четворица отишле до куќата на Панче за да ја види Палевски, за што Манев одговори потврдно и додаде дека до куќата на Панче, која е оддалечена 500-600 метри од неговиот дом отишле пеш, по што Палевски и Кешишев заедно со Реното кангу заминале за Скопје, бидејќи како што рече, Палевски требало да снима поткаст.
Подгорица – Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ изјави дека неговата земја не учествува во програмата со која на одбиените баратели на азил во Велика Британија би можело да им биде понудено да бидат испратени во балканските држави.
- Црна Гора не учествува во оваа програма, но не исклучуваме учество на другите од регионот, објави Спајич на платформата Икс.
Варшава – Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски денеска предупреди дека Полска и Европа мора да бидат подготвени за евентуален руски напад до крајот на оваа деценија.
- Русија моментално не е во состојба сама да ја победи Украина, така што не би била веднаш подготвена за поширока офанзива. Но, ако Украина биде принудена да капитулира, ако, на пример, Русија ги преземе мислите, луѓето во Украина и нејзината армија, најголемата од оваа страна на Европа, тогаш таа пресметка би изгледала поинаку, истакна Шикорски во интервју за полското радио ТОКФМ.
Брисел - Руската хакерска група НоНејм изврши кибер напад врв неколку големи белгиски веб-страници, вклучувајќи го и владиниот сајт MyGov.be.
Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, покрај владиниот сајт, меѓу другите, хакирана е и веб-страницата на Регионалниот парламент на Валонија.
Киев - Украинските одбранбени сили соборуваат 90 отсто од руските беспилотни летала, но Москва ги зголемува нападите, користејќи и ударни дронови и дронови-мамка, тврди Јуриј Игнат, шеф на одделот за комуникации на командата на воздухопловните сили на Украина.
„Тактиките постојано се менуваат во согласност со задачите поставени од непријателот, во согласност со временските услови и во согласност со тоа кога непријателот ќе почне да користи нови, модернизирани беспилотни летала“, рече Игнат.
Тој истакна дека руските дронови од топот „Шахед“ еволуирале.
Киев – Украинските сили уништија четири руски воени хеликоптери стационирани во близина на украинската граница, соопшти денеска војската.
Прес-службата на единицата на украинските специјални сили објави снимки за кои вели дека покажуваат како повеќекратен ракетен фрлач HIMARS напаѓа хеликоптери стационирани на аеродром во рускиот пограничен регион Белгород.
Погодени биле два транспортни хеликоптери Ми-8 и два борбени хеликоптери Ка-52, се вели во соопштението.
Москва – Црноморската иницијатива и поврзаните аспекти од неа се на агендата на руската и американската делегација во Саудиска Арабија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Ако се сеќавате на претходната форма на Црноморската иницијатива, имаше многу обврски кон нашата земја кои не беа исполнети минатиот пат. Овде се работи пред се за безбедна пловидба“, изјави Песков, пренесен од руските медиуми.
Газа – Во израелските напади низ Појасот Газа загинаа најмалку 21 Палестинец, соопштија денеска здравствените власти, додека израелската војска го нападна Рафа во близина на границата со Египет, ескалирајќи ја новата еднонеделна воздушна и копнена офанзива.
Здравствените власти на Газа соопштија дека Израел убил речиси 700 Палестинци, од кои многу жени и деца, откако ги продолжи нападите врз Газа минатиот вторник, ставајќи крај на неколкунеделниот релативен мир по прекинот на огнот во јануари.
Израелската армија убила најмалку 400 жени и деца во тие напади, соопштија здравствените власти.
Манила/Вашингтон - Филипинските и американските војници денеска започнаа тринеделни заеднички воени вежби, фокусирани на територијална одбрана и маневри од големи размери, соопшти филипинската војска.
Околу 5.000 војници од армијата на Филипините и Армијата на САД во Пацификот ќе учествуваат во борбени и разменети експертизи во првата фаза од овогодинешната вежба „Салакниб“. Втората фаза е планирана за крајот на оваа година.