• петок, 26 април 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

16 април 2024

Скопје - Изнемоштените и болните лица до полноќ можат да се пријавуваат за гласање на претседателските избори закажани за 24 април.

-Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање, 16 април, 24:00 часот, се посочува во роковникот на Државната изборна комисија.

Од ДИК информираат дека немоќните или болните лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

Скопје - „Алкалоид“ АД Скопје донира дел од своите производни количини  на иновативнaта формулација „омепразол“ во течна форма, во вкупна вредност од 12.520.800 денари, на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата - Козле, со цел олеснување на пристапот до соодветен третман во овој дел кај детската популација.

Со донацијата, како што беше соопштено на денешната прес-конференција во Деканатот на Медицинскиот факултет при УКИМ Скопје, со соодветна терапија ќе бидат покриени околу 200 деца во времетраење од една година.

Скопје – Вкупно 307 дојави за проблеми со ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност, во кои се опфатени 379 млади изминатата година, се дел од годишниот извештај „Ало Бушавко“ на Првата детска амбасада „Меѓаши“. Десет од дојавите, како што информираа на денешната презентација на извештајот, се однесувале на мисли за одземање на сопствениот живот.

Во воведните обраќања, Клементина Добревска, координаторка на СОС телефонот, ги образложи бројките од извештајот при што информираше дека во текот на 2023 годинапо добиените дојави се остварени 619 разговори.

Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 13 до 15 години, потоа од 10 до 12 и на трето место по зачестеност на дојавите се за деца на возраст од 7 до 9 години. Возраста не е позната за 212 деца.

Скопје - Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посетил Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи каде остварил работен состанок со поширокото раководство.

Како што соопштија од МВР, на состанокот Тошковски бил запознат со делокругот на работа и со тековните активности и во тој дел бил информиран дека е извршено мапирање на критичните места за евентуални изборни нерегуларности, а биле посочени и определени предизвици со кои се соочуваат од аспект на формално-правната поставеност на Одделот, систематизацијата на работните места и организациската поставеност на единиците.

Скопје - За автопатите што ќе се градат на коридорите 8 и 10д во јануари годинава се спроведени геотехнички испитувања на делниците  Гостивар - Тетово,  Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп. На делниците Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп имало и земјени работи,  а делницата Ќафасан-Требеништа-Струга нема никакви активности, покажува Извештајот  на надзорот за прогресот на изградба на автопатите што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. 

Во текот на јануари годинава, изведувачот работел претежно на експропријација, геодетска мрежа, топографски премер, геотехнички испитувања, спецификации и дизајн на автопат.

Скопје - Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска јавно ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска - Давкова за, како што рече, да ги соочат пред граѓаните своите планови и програми.

Според Димитриевски, на телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно „оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите“.

Димитриевски, кој имаше средби со граѓани на Зелено пазарче, оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите.

Скопје – Со повеќе од 30 промотивни настани, од 18 до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 36. издание на Саемот на книга. Слоганот е „Приказна се чита“, чија што цел е да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем на денешниот брифинг со новинарите, најави дека саемот ќе биде отворен за посетители во 10 часот, а во 13 часот ќе биде официјалното отворање, при што обраќање ќе има министерката за култура, со оглед на тоа што Министерството за култура е покровител, а Саемот на книга е прогласен за проект од национален интерес во културата.

Скопје - Во Скопје денеска почна третата недела од снимањето на долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Филмот се снимаше во СУГС „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево.

Ова е филм којшто следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата. 

Локациите на снимање се на територија на Скопје. Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. 

Скопје - До крајот на денов и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 21 до 28 степени, информираат од УХМР.

Во Скопје, променливо облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Температурата ќе биде 25 степени.

Под влијание на серија на влажни бранови, до почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.

Брисел – Европската комисија донесе Одлука со која даде позитивна оценка за спроведување на Планот за Украина, кој претставува сеопфатната стратегија за реформи и инвестиции во земјата за следните четири години, информира денеска портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро. 

- Планот се базира на Украинскиот механизам и гарантира дека на Украина ќе и се овозможи финансирање за одржување на нејзината администрација во функција, за исплата на плати и пензии, за обезбедување на основни јавни услуги и за да ги поддржи обновата и реконструкцијата додека продолжува да се брани од руската агресија, изјави Писонеро. 

Белград – Вршителот на должност градоначалник на Белград, Александар Шапиќ најави дека родителите на учениците во основно и средно училиште ќе добијат по 20.000 динари (околу 170 евра), средства наменети за купување на учебници.

Градот Белград минатата година набави комплети учебници за сите ученици во основно и средно училиште.

Москва - Руските истражители го потврдија постоењето на поврзаност меѓу директните извршители на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во близина на Москва и украинските националисти, изјави денеска секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев.

„Во текот на истрагата беше потврдена и процедурално утврдена врската меѓу директните извршители на овој терористички напад и украинските националисти“, рече Патрушев на состанокот за безбедност во Архангелск во северозападна Русија.

Четворица осомничени вооружени напаѓачи се уапсени во руски регион кој граничи со Украина неколку часа по масовното убиство за кое се обвинети, пренесоа руските медиуми.

Киев – Украинската Служба за безбедност (СБУ) погодила руска радарска станица со долг дострел во регионот Брјанск, од  која се следела ситуацијата на небото до 700 километри во територијата на Украина, јавија украинските медиуми, цитирајќи извор од СБУ.

-Русите сега имаат еден модернизиран комплекс Небо-У помалку, што му помогна на непријателот да открие украинско оружје и ги поддржа бомбардерите кои ја напаѓаат пограничната област на Украина со наведувани проектили, рече изворот, цитиран од украинската агенција Униан.

Париз - Кремљ денеска „ладно реагираше“ на повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за примирје во меѓународните конфликти за време на Олимпијадата во Париз, велејќи дека Украина може да го искористи тоа како можност за прегрупирање и повторно вооружување, пренесуваат странските агенции.

Прекинот на непријателствата под олимписко примирје е долгогодишна традиција, а Макрон во интервјуто во понеделникот рече дека ќе работи на тоа да го постигне кога Париз ќе биде домаќин на Летните игри од 26 јули до 11 август.

Пекинг - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Пекинг му кажа на кинескиот лидер Си Џинпинг дека руската инвазија врз Украина ја загрозува глобалната безбедност.

Шолц, исто така, на кинескиот претседател му кажал дека во оваа војна не треба да се закануваат со  нуклеарно оружје, пренесоа германските медиуми.

Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец предупреди дека Русија е подготвена да употреби нуклеарно оружје доколку се загрозени нејзиниот суверенитет или независност.

Вашингтон - Американската министерка за финансии, Џенет Јелен, подготвува нови санкции против Техеран, како одговор на иранскиот напад врз Израел во текот на викендот, објави денеска американскиот портал Аксиос.

„Министерството нема да се двоуми да работи со нашите сојузници да ги искористи санкциите како можност да продолжи да го попречуваме малигниот ирански режим и нивните дестабилизирачки активности“, се наведува во текстот на документот што Јелен денеска ќе го прочита пред американската јавност, а до кој Аксиос имал претходен пристап.

Тел Авив - Израелските медиуми јавија дека Израел има намера да постави 10.000 шатори во близина на градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, во рок од две недели, како подготовка за копнената инвазија на неговата армија врз градот.

Израелскиот канал Кан наведува дека официјалниот документ што го добил укажува дека Израел ќе постави 10.000 шатори надвор од Рафа во следните две недели и дека во моментов се набавуваат дополнителни 30.000 шатори, кои подоцна ќе бидат поставени во тоа подрачје.

Според каналот, врз основа на распоредот (за подигање на овие шатори), може да се каже дека патот до евакуација на жителите од Рафа е сè уште многу долг.

Остани поврзан