• сабота, 22 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

20 март 2025 

Скопје - Шефот на накедонската дипломатија Тимчо Муцунски утрово го посети Загреб каде што се наоѓаат пет повредени во страотниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а 176 се повредени. Тој се заблагодари на Хрватска што примила на лекување петмина повредени, истакнувајќи дека Скопје меѓу првите повици со изрази за солидарност и понудена помош ги примил од Загреб.

Петтемина пациенти се префрлени на лекување во Загреб - четворица на Клиниката за трауматологија, а еден на Клиниката за детски болести, јавија хрватски медиуми.

Скопје - Возачот на Итната медицинска помош кој почина по трагичната несреќа во Кочани, а превезе голем број пациенти ќе биде постхумно одликуван, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари. 

- Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам, изјави Таравари.  

Скопје - Сите пациенти кои се лекуваат тука и надвор од државата се во стабилна и добра состојба, повеќето се подобруваат, а од вкупно 20 критични, 10 се потешки, но и тие се стабилни, надвор од животна опасност, соопшти денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

Како што изјави Таравари, во државава се лекуваат 72 пациента, а надвор 101. Од оние што се лекуваат во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште три. -Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави, истакна Таравари.

Скопје - Поради извршување градежни работи - минирање на патниот правец Гари-Извор (Р2246) денеска тој ќе биде затворен за сообраќај.

Од ЈП Македонија пат информираат дека од градежното претпријатие „Илинден“ А.Д. Струга ги информирале дека патот ќе биде затворен од 12.00 до 15.00 часот.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден извршени биле контроли на 16 угостителски објекти, од кои 10 во Тетово, а шест во Гостивар. Констатирани биле низа неправилности и од страна на Државен пазарен инспекторат (ДПИ) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци, додека од страна на ДПИ биле затворени два угостителски објекта во Тетово.

Како што информира МВР, контролите биле спроведени вчера, од 10 до 15 часот. Во акцијата учествувале полициски службеници од СВР Тетово и ОВР Гостивар заедно со претставници од Управата за финансиска полиција, Државен пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување.

Скопје - Во Кочани денеска ќе им биде оддадена последна почит на загинатите во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“. На плоштадот се уште има граѓани кои палат свеќи и се запишуваат во книгата на жалост, јави МИА.

Погребната церемонија во Кочани ќе се одржи во 12 часот а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на Македонската православна Црква -Охридска архиепископија г.г. Стефан. Од МПЦ - ОА замолуваат за достоинствено и христијанско однесување. 

Белград - Студенти од сите факултети на Универзитетот во Крагуевац денеска учествуваат во доброволна крводарителска акција за повредените во пожарот во Кочани, јави МИА.

Одделението за трансфузија на Универзитетскиот клинички центар во Крагуевац беше преполно од осум часот наутро, а студентите истакнаа дека на тој начин сакаат да им помогнат на повредените пациенти од Кочани, но и да ги поттикнат сите граѓани да се приклучат на оваа акција и да даруваат крв.

Тирана - Четири момчиња на возраст од 20 до 25 години загинаа во тешка сообраќајна несреќа, што се случила пред полноќ на патниот правец Фуш През - Вора, кај Тирана.

Автомобилот марка „мерцедес", на бензин и плин, во кој биле момчињата, се судрил со камион-бетониерка, по што се запалил.

Анкара - Во Турција притворени се 27 лица под сомнение дека на социјалните мрежи објавиле провокативни коментари за апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, изјави денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Тој на платформата Икс објави дека осомничените „објавувале провокативни коментари за апсењето на Имамоглу кои поттикнуваат на злосторства и омраза“.

Брисел - Холандија ги поддржува предлозите на Европската комисија за зголемување на трошоците за одбраната на Европа, но инсистира на важноста на обезбедување „одржлив долг“, изјави холандскиот премиер Дик Схоуф при пристигнувањето на денешниот Самит на ЕУ во Брисел. 

Изјавата на Схоуф беше коментар на предлогот на ЕУ за олеснување на фискалните правила со што на земјите членки би им се овозможило поголеми јавни трошоци за одбраната и поддршка на одбранбената индустрија. 

Киев - Нова дополнителна серија борбени авиони Ф-16 пристигна во Украина, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На онлајн прес-конференција тој ги демантираше информациите за соборување борбен авион Ф-16 од страна на Русија.„Русите лажат дека таму собориле нешто, ништо не собориле“, рече Зеленски.

Брисел - Денешниот Самитот на ЕУ ќе биде посветен на финализирање на првата фаза од можеби најважниот европски проект во последните децении - „изградбата на безбедна, вооружена и обединета Европа против руската закана“, порача денеска полскиот премиер Доналд Туск пред заминувањето на заседанието на Европскиот совет во Брисел.

- Можеби се сеќавате колку пати бевме сами кога ги предупредувавме другите европски партнери за руската закана, а сега ќе видиме како Европа се обединува околу истиот проблем со кој Полска често се соочуваше сама, изјави Туск, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Париз - Француската јавна инвестициска банка Bpifrance ќе создаде фонд за финансирање одбранбени проекти во вредност од 450 милиони евра, објави денеска францускиот министер за финансии Ерик Ломбард.

Овој фонд ќе биде дел од напорите на земјата да ги зголеми трошоците за одбрана, поттикнати од стравувањата од руски напад и сомнежите за иднината на американската одбрана.

Дамаск - Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска во Дамаск официјално ја отвори Амбасадата на Германија, што беше затворена во 2012 година по почетокот на граѓанската војна.

Тоа е втора посета на Бербок на Сирија по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал Асад. Таа ќе се сретне со претставниците на сириската преодна влада и претставници на граѓанското општество, како и со привремениот претседател Ахмед ал Шара.

Газа - Најмалку 70 Палестинци загинаа, а десетици се повредени денеска во израелски воздушни напади низ Појасот Газа, соопштија тамошните власти под контрола на Хамас.

Здравствените служби објавија дека Израелците гаѓале куќи во северниот и јужниот дел на палестинската енклава. Израел се уште не ги коментирал наводите.

Астана - Казахстан ќе изготви јавен регистар на корумпирани функционери, а соодветниот закон веќе се разгледува во Парламентот, рече претседателот на националната Антикорупциска служба, Дархан Куракбаев во обраќањето пред Сенатот.

„Планирано е да се наведат лица кои извршиле корупциски дела, но при донесена пресуда или друга одлука. На пример, по напуштање на функцијата (во случај на тешки кривични дела кои не подлежат на рехабилитација), доколку тоа обвинителството го одобри. Но, тоа се само планови, мора да се регулира со закон. Овој закон во моментов се разгледува во Парламентот. Затоа, откако ќе помине низ сите овие процедури, откако ќе го потпишат, ќе започне имплементацијата“, рече Куракбаев.

Сеул - Руски воен авион денеска влегол во зоната на воздушна одбрана на Јужна Кореја без претходно предупредување, соопшти јужнокорејското Министерство за национална одбрана.

Руски воени авиони осум пати влегле во зоната за идентификација на воздушната одбрана на Јужна Кореја од 11 март до денес, соопшти Министерството.

Пјонгјанг - Северна Кореја ја предупреди денеска Јапонија да го откаже планираното распоредување на ракети со долг дострел на островот Кјушу во март идната година, наведувајќи дека тоа ќе доведе до „трајна ескалација на тензиите“ во североисточна Азија.

Токио ја разгледува можноста за распоредување ракети со долг дострел на островот Кјушу како дел од неговите напори да го зајакне „својот капацитет за одмазднички напади“ за да погоди непријателски цели во итни случаи, пренесе севернокорејска новинска агенција, повикувајќи се на јапонски владини извори.

Остани поврзан