• сабота, 07 септември 2024
МИА Радио флеш

 6  септември 2024

 

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска го примил новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, посакувајќи му добредојде и успешен мандат во земјава.

Акцентот на средбата, како што соопштија од собраниската прес-служба, бил ставен на можностите за понатамошно продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, на улогата на Северна Македонија како партнер во НАТО, како и на евроинтеграцијата на земјава.

Скопје – Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска во Скопје по потпишувањето на партнерство меѓу групацијата НЕЛТ и УНИЦЕФ за унапредување на стручното образование преку практична настава за зелени вештини изјави дека образовни асистени за учениците со посебни потреби ќе има во вторник.

-Жалам што морам да кажам дека проблем со асистенти нема, има проблем со училиштата. Пет дена се работи она што Министерството го работи во еден ден. Само им порачувам на родителите дека асистенти ќе има, воопшто да не се секираат. Тоа што сум го ветила ќе го исполнам, вели Јаневска.

Скопје - Воведувањето на едносменско работење на училиштата, таму каде што е можно е дел од реформата во образованието, а целта е учениците да бидат подолго во училиштата, за да стекнуваат на различни начини што повеќе знаење, истакна денеска Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во Скопје, која одговараше на новинарско прашање за воведување на едносменската настава во основните и средните училишта во земјава.

Таа додаде дека оваа реформа е и за наставниците да станат функционални во корист на знаењето, компетенциите и вештините на учениците.

Скопје - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани вели дека вработувањето на стручниот кадар во градинката „8 Март“ во Струга е оневозможен поради неименување на директор од страна на градоначалникот Рамиз Мерко, затоа што со самото тоа што нема овластено лице во јавната установа односно директор, нема можност за вработување на кадар по ниту еден основ.

Од Министерството информираат дека е извршен вонреден инспекциски надзор и дека од 30 јули годинава нема назначено вршител на должноста или директор. 

Скопје - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судија за деца во Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за поведување подготвителна постапка кон дете во судир со законот кое презело дејствија кои со закон се предвидени како кривично дело – Предизвикување општа опасност по член 288 став 1 од Кривичниот законик.

На 3 септември во попладневните часови, детето на возраст од 14 години, заедно со уште две деца во ризик кои не наполниле 14 години и од тие причини не се кривично одговорни, палеле петарди и жижици на земјена патека во месноста Расадник, Кисела Вода.

Скопје - Министерството за транспорт го објави јавниот повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за периодот 2025-2027 година. Во рамки на тригодишната програма за оваа намена предвидени се средства во висина од 360 милиони денари. Крајниот рок за доставување на барањата за учество во постапката е 7 октомври до 10:00 часот, во архивата на Министерството. 

- Јавниот повик е отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми - да поседуваат уверение за исполнување безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз, да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година, да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година, велат од Министерството за транспорт.

Скопје - Дваесет и пет нови случаи на голема кашлица се евидентирани од 30 август до 5 септември, со што вкупниот број заболени во државава се зголеми на 1.074, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Најголем дел од новите случаи се пријавени во Скопје - 14, а петмина заболени се од Тетово, тројца од Кратово, двајца од Куманово и еден од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од еден месец до 60 години. Најголем број случаи се од возрасната група под една година.

Скопје - По речиси две години работа, студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, обединети во тимот „МЕС рејсинг“ (MES racing), креираа болид кој пред неколку денови беше претставен на натпреварот „Алп Адриа“ (Alpe Adria) што се одржа во Велика Горица, Хрватска, соопшти УКИМ. 

Скопје - Од полноќ се намалува цената на Еуросупер БС-95 за два денара, а цените на Еуросупер БС-98, дизелот, Екстра лесното масло за домаќинство и мазутот остануваат исти.

Согласно новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, Еуросупер БС - 95 ќе се продава по цена од 74,50 денари за литар, а Еуросупер БС-98 по цена од 78,50, дизелот 69,50 денари за литар, а Екстра лесно масло за домаќинство 68,50 денари за литар. Цената на Мазутот останува 44,780 денари за килограм.

Атина - Силите за специјални операции од Северна Македонија, заедно со специјалните сили од САД, Франција, Италија, Кипар, Бугарија, Австрија, Полска, Египет и домаќинот Грција учествуваат во мултинационалната воена вежба „ОРИОН-24“ што од 2 до 13 септември се одржува во поширокиот регион на  областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

Во рамките на вежбата планирани се десетици сложени сценарија како на копно, така и во вода и воздух, а од Генералштабот на националната одбрана на Грција на социјалните мрежи објавија фотографии и видео од текот на воената вежба.

Скопје - Основното јавно обвинителство Велес донело Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на РСМ, велешанецот и велешанката во патничко возило БМВ со скопски регистарски ознаки од Скопје во Велес пренесувале наркотична дрога која претходно ја набавиле.

Скопје - Со цел точно информирање на јавноста за состојбата со ЈОУДГ  „8 Март“, Општина Струга, и спречување на ширење на дезинформации кои го нарушуваат угледот и работата на Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и работата на самото Министерство,  ги  известуваме граѓаните дека  инспекторите од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата при Министерството за социјална политика, демографија и млади извршија вонреден инспекциски надзор во ЈОУДГ  „8 Март“, Општина Струга и констатираа дека се згрижуваат деца со намален капацитет и градинката од 30.07.2024 година  нема ниту вршител на должноста директор ниту директор.

Скопје - Борче Костовски, спортски работник, тренер и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија е добитник на годинашната награда за животно дело „8 Септември“. 

Најголемиот успех, Костовски го постигна како тренер на олипиецот Дејан Георгеивски, кој го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Токио. 

Покрај Костовски, признанија за остварувања во областа на спортот ќе им бидат доделени и на Мирко Димчевски, Рамадан Шабани, Зоран Бошковски и Димитар Јованов.

Париз – Основачот и извршен директор на Телеграм, Павел Дуров во прва изјава по условното ослободување од притвор во Франција, вети дека ќе се бори против криминалот на неговата апликација, истакнувајќи оти платформата за пораки не е анархистички рај.

Телеграм не е некаков вид анархистички рај. Брзото зголемување на бројот на корисници на апликацијата предизвика слаби точки што им олесни на криминалците да злоупотребуваат, напиша Дуров на Телеграм.

Брисел - Во услови на засилени напади врз енергетската инфраструктура во Украина, Европската комисија реши да одвои дополнителни 40 милиони евра за помош на Украинците во пресрет на претстојната зима, соопшти денеска портпаролот на ЕК за буџет, човечки ресурси, хуманитарна помош и справување со кризи Балаш Ујвари. 

- Од овие средства, 35 милиони евра се наменети за хуманитарни проекти во Украина, а пет милиони евра за поддршка на украинските бегалци и нивните домаќини во Молдавија, истакна Ујвари.

Брисел – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска ја повика Кина да престане да ја поддржува Русија во војната во Украина.

- Кина стана одлучувачки поддржувач на руската војна против Украина. Ја повикувам Кина да престане да ја поддржува илегалната војна на Русија, истакна Столтенберг.

Тој додаде дека Кина овозможува производство на голем дел од оружјето што го користи Русија.

Остани поврзан