МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

19 декември 2024
Брисел – Премиерот Христијан Мицкоски, кој од вчера престојува во посета на Брисел, денеска ќе учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) на кој главни теми ќе бидат подготовките за денешниот Европскиот совет и проширувањето на ЕУ.
Домаќин на Самитот ќе биде претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, а на него покрај Мицкоски ќе учествуваат и другите лидери од партиите членки на Европската народна партија од ЕУ и од Западниот Балкан, како и претседателките на Европската комисија и на Европскиот парламент, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој предводи официјална делегација на Министерството за внатрешни работи во Република Турција, вчера остварил работна средба со турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
На средбата била изразена благодарност за топлиот прием и уште еднаш потврдена одличната соработка меѓу двете министерства за внатрешни работи како и на државно ниво, а била потврден фактот дека се работи за два братски народи кои делат меѓусебна почит, историја и традиција.
Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат три комисии - Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Законодавно правна комисија.
Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска заедно со швајцарската амбасадорка Вероник Улман, извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев и тим лидерот на проектот “Образование за вработување“, Курт Вутрих денеска ќе ја посетат компанијата „Ронтис“ во Велес.
Како што соопштуваат од МОН, целта на посетата е увид во спроведувањето на практичната настава што оваа компанија ја организира за дел од учениците од дуалните паралелки во средните стручни училишта во градот.
Скопје - Авиокомпаниите се соочуваат со зголемени трошоци поради инфлациските притисоци и законите за заштита на животната средина, но можеме да ги апсорбираме дополнителните трошоци за да ги задржиме евтините летови и да ја стимулираме побарувачката, вели во видео интервју за МИА Роланд Тишнер, извршен директор и директор за операции во авиокомпанијата „Визер“.
Со Тишнер разговаравме завчера во тек на неговата посета на Скопје, по повод официјализирање на летовите од Скопскиот аеродром до Барселона, Лион и Штутгард, за кои авиокомпанијата ќе користи субвенции од нашата Влада.
Скопје - Во Собранието денеска ќе се одржи презентација на Извештајот на Светска банка „Business Ready“ и на препораките за развивање на приватниот сектор.
Извештајот ќе го презентираат претставници на Светска банка на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Скопје - Форумот за образовни промени денеска во Студентскиот културен центар (СКЦ) ќе го презентира предлогот за олеснување на плаќањето за јавен превоз за студентите.
Како што најавуваат организаторите, говорници ќе бидат заменик министерот за образование, Лулзим Алиу, пратеничките од клубот на млади пратеници Моника Зајкова и Драгана Бојковска, како и претседателот на Студентското собрание на УКИМ, Александар Николовски.
Скопје - Во Собранието денеска ќе се одржи Финалниот настан на едукативните работилници „Имам став“.
Како што информираат од собраниската прес-служба, ученици од средните училишта СОУ „Раде Јовчевски – Корчагин“ и СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ од Скопје и од „СОУ Славчо Стојменски“ од Штип ќе се натпреваруваат во финалето на едукативните работилници „Имам став“.
Скопје - Во просториите на Народната банка денеска ќе се одржи 53. сесија на Клубот на истражувачите, соопштија од Банката.
На сесијата ќе бидат презентирани трудовите „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа - техника за анализа на обвивка на податоци (DEA)“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски и „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ од авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов.
Скопје - Факултетот за образовни науки денеска организира настан насловен „Скриеното лице на насилството“, кој се реализира во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.
На настанот ќе бидат претставени целите на проектот и ќе се спроведе целодневна обука за безбедна училишна средина, наменета за студентите од Факултетот за образовни науки.
Скопје - Во организација на Центарот за развој на медиуми денеска во Скопје ќе се одржи дискусија „Предлози за ревизија на законските одредби за заштита на плурализмот и разновидноста на аудиовизуелните медиумски услуги“.
-Центарот за развој на медиуми континуирано го следи развојот на медиумските политики и медиумското законодавство во Република Македонија и изготвува анализи и документи за јавни политики за идентификување на состојбите и потребите за реформи на медиумското законодавство и законодавството во областа на аудиовизуелните медиумски услуги, велат оттаму.
Скопје - Оркестарот на Македонската филхармонија вечер со почеток во 20 часот ќе одржи концерт насловен „Меѓу срцето и умот“ на кој како солистка ќе настапи врвната виолинистка Алена Баева од Луксембург.
Како што информираат од Македонската филхармонија диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата е Концертот за виолина и оркестар бр.2 од Сергеј Прокофјев и Симфонијата бр.8 од Дмитри Шостакович.
Скопје - Во срцето на градот Скопје, на Плоштад Македонија, од денеска, ќе биде поставена Божикна пештера која ги најаваува Бадник и Божик - Рождеството Христово, најголемиот христијански празник.
Како што соопштуваат од Здружението Бадникови Поворки, тоа е најубавата и најимпозантна Божикна пештера во регионот, која претставува вистинско ремек-дело на уметноста и традицијата.
Скопје - Во Театар комедија вечер ќе се одржи претпремиерата на „Арсеник и стара тантела“ - претстава работена по текст од Џозеф Кеселринг, во режија и адаптација на Лидија Дедовиќ. Премиерата на оваа црна комедија е закажана за утревечер, а еден ден подоцна, на 21 декември ќе се одржи репризна изведба на претставата.
Како што соопштуваат од театарот, „Арсеник и стара тантела“ претставува крими црна комедија за изопаченоста и современото безумие, за прикривањето злосторства, за емпатијата како изговор за криминал, за љубовта…
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ не сакаше да ги коментира наводите на дел од српските медиуми кои објавија дека би можел да поднесе оставка во следните два месеца.
„Не сакам да коментирам, особено не во овој момент. Ќе разговараме за тоа во наредните денови“, изјави Вучиќ за новинарите во Брисел, каде што учествуваше на самитот ЕУ-Западен Балкан. Според српски медиуми, Вучиќ најави обраќање до јавноста в сабота.
Белград - Коалицијата за слобода на медиумите во Србија ги повика европските медиуми да дојдат во Србија и да известуваат за „борбата за слобода на српските граѓани од автократскиот режим на Александар Вучиќ“, пренесе Бета.
„Ве повикуваме да ја информирате јавноста на вашите земји за настаните во Србија, како и за постапките на одредени високи функционери на европските земји кои и во овој момент упорно поддржуваат мал балкански тиранин кој се одмаздува на своите граѓани и кој им ја украл земјата. Не знаеме зошто го прават ова, но која и да е причината, треба да се засрамат“, се вели во соопштението на Коалицијата за слобода на медиумите.
Брисел - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера разговараше во Брисел со францускиот претседател Емануел Макрон за неговиот предлог за распоредување војници во Украина како начин за постигнување стабилен мир.
-Ние споделуваме заедничка визија: сигурните гаранции се клучни за постигнат мир, напиша Зеленски на платформата „X“.
Брисел - Состојбите во Украина и на Блискиот Исток, позицијата на ЕУ во светот, нејзината отпорност и подготвеност и прашањата за миграцијата и за надворешната политика, ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во делот од Самитот посветен на состојбата во Украина ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој своите колеги ќе ги информира за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја.
Брисел - На последниот состанок годинава, Европскиот совет денеска во Брисел ќе расправа за војната во Украина, проширувањето на ЕУ, ситуацијата на Блискиот Исток и миграцијата, се наведува во агендата на состанокот. Состанокот на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ за првпат ќе го води новоизбраниот претседател на институцијата Антонио Кошта. На средбата ќе учествува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Се очекува разговорите да бидат опфатени со снабдувањето со оружје на украинската страна, можностите за заштита на украинската енергетска инфраструктура и спроведувањето на санкциите на ЕУ против Русија. Од почетокот на рускиот напад на Украина, ЕУ му обезбеди на Киев вкупно близу 124 милијарди евра.
Париз - Околу 64 отсто од Французите се незадоволни од именувањето на Франсоа Бајру за премиер, покажува истражувањето.
Анкетата, нарачана од Radio Sud од агенцијата Ifop-Fiducial меѓу 1.000 луѓе на 17 и 18 декември, ги прикажува предизвиците со кои се соочува Бајру за да ги спроведе реформите и да го намали дефицитот на Франција.
Лондон - Британската полиција за борба против тероризмот е ставена во состојба на висока готовност поради потенцијални напади на британските џихадисти и приврзаниците на ИД кои се враќаат во земјата од Сирија, јави Скај њуз.
Во исто време, британската гранична полиција е исто така во состојба на готовност за џихадистите кои се ослободени од сириските затвори и кои може да се обидат да се вратат во Британија.
Лондон - Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на Русија, Дмитриј Медведев ги нарече уредниците на британскиот весник Тајмс легитимни воени цели како одговор на известувањето на весникот за убиството на рускиот генерал Игор Кирилов во Москва.
Острите коментари на Медведев уследија по едиторијалот во кој убиството беше опишано како легитимен чин на самоодбрана на Украина, пишува Гардијан.
Лондон - Меѓународната организација Хјуман рајтс воч (ХРВ) во извештајот објавен денеска нагласува дека Израел убил илјадници Палестинци во Газа со тоа што им ускратил пристап до чиста вода, што според законите е чин на геноцид и истребување.
- Оваа политика, нанесена како дел од масовното убивање на палестинските цивили во Газа, значи дека израелските власти извршиле злосторство против човештвото за истребување, кое е во тек. Оваа политика, исто така, претставува „чин на геноцид“ според Конвенцијата за геноцид од 1948 година, наведува ХРВ.
Лондон - Велика Британија ќе испрати дополнителна воена опрема вредна 225 милиони. Британски фунти за Украина за да и помогнат во војната против Русија.
„Храбриот народ на Украина продолжува да им пркоси на сите очекувања со својот нескротлив дух“, наведе британскиот министер за одбрана Џон Хили во изјавата.
„Но, тие не можат сами да го направат тоа - затоа Велика Британија ќе ја зајакне својата меѓународна лидерска улога во Украина во 2025 година“, додаде министерот.
Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе ја одржи годишната прес-конференција, позната и како „директна линија“, јави ДПА.
Прес-конференцијата ќе биде комбинирана со телевизиски пренос, при што граѓаните ќе можат телефонски да разговараат со претседателот.
Двата формати беа комбинирани за првпат во 2020 година, а трендот конечно се зацврсти минатата година. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека ова се случило бидејќи Путин нема многу слободно време.
Бразилија - На бразилските ученици наскоро нема да им биде дозволено да ги користат своите мобилни телефони на училиште, откако Конгресот синоќа усвои закон со цел да се подигне свеста кај младите за штетното влијание на екраните.
Пратениците, родителите и левичарската влада на претседателот Луис Инасио Лула да Силва водат кампања за ограничување на употребата на мобилни телефони во основните и средните училишта. Повеќе од половина од бразилските деца на возраст од 10 до 13 години поседуваат мобилен телефон. Кај тинејџерите на возраст од 14 до 17 години таа цифра достигнува 87,6 отсто.
Вашингтон - Новоизбраниот претседател Трамп ги повика американските пратеници да го отфрлат привремениот закон за одржување на финансирањето на владата и три дена пред истекот на финансирањето, побара од Конгресот да го зголеми плафонот на долгот, зголемувајќи ја веројатноста за делумно затворање.
Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп објави дека би било „одлична идеја“ Канада да стане 51-та американска држава, шегувајќи се на социјалните мрежи дека „многу Канаѓани“ ја поздравуваат идејата, бидејќи Отава е зафатена од политичка криза.
„Многу Канаѓани сакаат Канада да стане 51-та држава“, објави Трамп на Truth Social. „Тие масовно би заштедиле на даноци и воена заштита. Мислам дека тоа е одлична идеја. 51-та држава!!! додаде тој.
Објавата не е првпат Трамп јавно да размислува за идејата, шега за која некои сметаат дека е со лош вкус, особено по шокантната оставка на канадскиот вицепремиер во понеделникот.
Вашингтон - Врховниот суд објави дека следниот месец ќе ги сослуша аргументите за уставноста на федералниот закон со кој би можело да се забрани TикТок во САД доколку кинеската матична компанија не го продаде. Судиите ќе слушнат аргументи за тоа дали законот незаконски го ограничува говорот што го прекршува Првиот амандман.
Законот, што беше усвоен во април, постави краен рок за продажба на ТикТок до 19 јануари или ќе се соочи со забрана во САД. Таа платформа за социјални медиуми има повеќе од 170 милиони корисници во САД. Не е јасно колку брза одлука може да биде. Но, судот сепак би можел да дејствува по аргументи за да го спречи законот да стапи на сила до конечната одлука, доколку најмалку пет од деветте судии сметаат дека е неуставен.
Вашингтон - Очекуваниот животен век во САД се зголемил лани, а прелиминарните податоци сугерираат дека може да има уште едно - многу помало - подобрување оваа година, јавија американските медиуми.
Стапката на смртност падна минатата година за речиси сите водечки причини, особено од Ковид-19, срцеви заболувања и предозирање со лекови, според извештајот на Центрите за контрола и превенција на болести објавен денеска. Тоа се претвори во додавање на речиси една година на проценетиот животен век на Американците.
Токио - Суд во Јапонија денеска осуди човек за кражба на повеќе од 200 килограми млад кромид од својот сосед - земјоделец и соперник, откако рекордните летни горештини му го уништиле родот. Човекот, кој и се повлекол од земјоделството по кражбата, е осуден на казна затвор од две години, и суспензија од три години, пренесуваат тамошните медиуми.
Окружниот суд во Кјото ја оцени кражбата како „злонамерна“, а сѐ тоа се случувало во август и септември. Судиите не најдоа „никакви олеснителни околности“ во одлуката на осудениот да „краде од конкурент и да го надомести изгубениот приход предизвикан од неповолните временски услови“. Направената штета е во вредност од 200.000 јени (околу 1.300 долари), јави „Кансај ТВ“.
Џенова – Романскиот бизнисмен Дан Суцу го презеде мнозинскиот сопственички удел на американската приватна инвестициска компанија „777 Партнерс“ во италијанскиот фудбалски клуб Џенова.
Суцу, кој веќе е сопственик на романски Рапид од Букурешт, контролира 77 отсто од акциите на Џенова откако презеде зголемување на капиталот од околу 45 милиони евра, додека компанијата „777“ останува како малцински акционер.