• четврток, 17 јули 2025
МИА Општински пул

13 јуни 2025 

Прилеп - Претставата „12“ на МНТ е најдобрата претстава на годинашниов 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, соопшти фестивалското жири на прес-конференција денеска напладне. Жирито реши на оваа претстава да ѝ додели и специјална награда за колективна актерска игра.

Како што образложи претседателката на тричленото фестивалско жири Лилија Абаџиева од Бугарија, во претставата има исклучително актерско достигнување.

-Театарот е местото каде невидливото станува видливо, според Питер Брук. Верувам дека секој спектакл е едно патување и упатување кон непознатото во човечкото суштествување. Во претставата „12“ во актерската работа има внатрешна вистина на преживувањето, психолошка правдивост и актерство што плени. За мене „12“ е исклучително актерско достигнување на секој актер од екипата, изјави Абаџиева.

Битола - До вчерашниот ден имаме над 2.500 пријави од млади невработени лица кои аплицирале во мерката за самовработување, изјави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристевски.

На инфо ден во Битола посветен за Оперативната програма на Владата за нови вработувања, Ристевски посочи дека мерката за самовработување има три содржини кои се однесуваат за млади до 29 години кои може да искористат до 10 илјади евра, за невработени лица над 29 години може да се добијат седум илјади евра, а има и можности за здружување во Друштва со ограничена одговорност.

Скопје - Оваа година локалната самоуправа од општинската каса издвои 1.440.000 денари за набавка на нови противпожарни апарати, наменети за сите основни училишта и детски градинки на територија на Карпош. По тој повод, градоначалникот Стевчо Јакимовски, денеска беше во обиколка на ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“, каде непосредно ја констатираше фактичката состојба со оваа училишна установа од аспект на безбедноста.

- „Шест месеци пред трагедијата во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување ја алармираше нашата институција дека фирмата којашто ги одржува противпожарните апарати во Карпош, односно во училиштата и градинките, практично прави груба злоупотреба со тоа што истите противпожарни апарати не ги проверува туку ги зема и ги враќа назад, при што само ги менува контролните картончињата на уредите. Оттаму Дирекцијата не потсети дека законска обврска е да немаме противпожарен апарат во објектите, којшто е постар од пет години. Кога направивме една комплетна анализа, за жал констатиравме дека овде имаме противпожарни апарати од 1955-та година“ – објасни Јакимовски.

Охрид - Војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија врз цената на нафтата и во Македонија, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги  и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимовски, но не очекува влијание на цените на останатите продукти. По ноќешните напади на Израел врз Иран, тој посочи дека утрово цената на светските берзи на бренд нафтата била зголемена за десеттина долари. Зголемувањето, според Бислимовски, е шест-седум долари. 

- Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката, но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати. Апсолутно дека ќе има влијание и на цената која што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија, изјави денеска Бислимовски пред обраќањето на панел сесијата „Енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија во комуналниот сектор“ во рамки на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“, што се одржува во Охрид.

Охрид - Потребна е промена на концептот и начинот на носење одлуките за тарифите за водни услуги и зголемување на цената за одржливост на јавните претпријатија и намалување на загубите на вода во Македонија. Тоа се дел од препораките на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што вчера и денеска се одржува во Охрид во организација на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека за намалување на загубите на вода од 63 отсто конечната цена да ја одредува Комисијата наместо како досега општинските совети.

Крива Паланка - Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски денеска доби благодарница за континуираната поддршка и грижа за секој вработен во локалната самоуправа што ја пружа преку поддршката на синдикалната организација на управни органи на Општина Крива Паланка.

Признанието денеска му беше врачено од страна на претседателот на УПОЗ на Општина Крива Паланка Зоран Павловски, со што и официјално беше промовирана и афирмирана особената финансиска поддршка од страна на градоначалникот Митовски на синдикалната организација.

 

Остани поврзан