МИА Општински пул
- МИА Општински пул
6 ноември 2024
Струга - Гори Безистенот лоциран во центарот на Струга, во старото градско јадро.
На терен се четири возила на Територијалната против пожарна единица Струга со десетина пожарникари.
Според првичните информации од терен, се работи за голем пожар. Причините не се познати.
Безистенот во Струга функционира како отворен трговски центар во кој се сместени угостителски објекти, бутици, менувачници.
Крива Паланка - Со 10.5 милиони денари од ТАВ програмата на Владата извршена е реконструкција на мостот на Крива Река лоциран кај градскиот парк, во центарот на градот, т.н. „Градечки мост".
- Нов, модерен лик го краси “Градечки мост". Заврши реконструкцијата на мостот, проект вреден 10.500.000 денари, финансиран од ТАВ програмата на Владата. Реконструкцијата опфати: репарација на конструкцијата на мостот, поставување нова ограда, зајакнување на одредени елементи на мостот, поставување пристапна рампа од страната на магистралата А2 и поставување нова електрика и ново, модерно осветлување на мостот. Со реализацијата на овој проект продолжуваме да креираме нов и модерен лик на централното градско подрачје, кадешто се врши реконструкција на сите пет големи мостови на Крива Река, за што вкупната инвестиција изнесува околу 40.000.000 денари, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Битола - На денешен ден во 1944 година во Битола е формиран мешаниот аматерски хор на КУД „Стив Наумов“, првиот и најстариот македонски хор кој денеска слави јубилеј, осум децении постоење.
Во архивата на друштвото е забележано дека пред 80 години, борците на Седмата македонска ударна бригада-Битолска, два дена по ослободувањето на градот, сакајќи што побрзо да се чуе слободна македонска песна, на плоштадот во Битола и под диригентство на Тодор Скаловски приредуваат музичка програма со хорски композиции, со што официјално почна работата на културно уметничкото друштво „Стив Наумов“.
-Денеска го чествуваме музичкото наследство на Битола и славната историја на КУД „Стив Наумов“. Со 80 години зад себе, нашето културно-уметничко друштво не само што ги одржува традициите на хорското пеење и мандолинскиот оркестар, туку е и расадник на музички таленти. Генерации битолчани, од кои многумина денес уживаат славни музички кариери, биле дел од ова семејство, оставајќи свој белег на македонската и светската музичка сцена. Во чест и благодарност на сите, вечер ќе приредиме изложба и свечена академија, со што заеднички ќе го прославиме големиот јубилеј, изјави за МИА Владимир Христовски, претседател на КУД „Стив Наумов“-Битола.