• вторник, 30 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

29 јули 2024 

Куманово - Потрошувачката на вода во Куманово е значително висока последниов период, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Водовод“. Во одредени периоди од денот се движи до 400 литри вода во секунда. Покрај главниот вод, вклучен е бајпас од 130 литри во секунда, „Митев мост“ 50 литри, Бедиње 35 литри и во функција се резервоарите од „Бајрам Шабани“ и населбата „Карпош“ кои дополнуваат вода за време на ноќните часови.

- За време на топлотниот бран најголема измерена потрошувачка изнесуваше 400 литри вода во секунда. Огромна потрошувачка има во ноќните часови. Сметаме дека граѓаните полеваат бавчи, полнат базени, речиси во секој двор има базени. Немаме недостиг, но сепак треба одговорно да се однесуваме кон водата, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојамновски.

Секоја година, потрошувачката на вода во јули е зголемена од 30 до 40 проценти во однос на јуни, што се должи и на зголемени температури. Според податоците кои претпријатието ги обезбедува преку скада системот, најмногу се троши вода во населбите каде има претежно куќи со дворови. Инаку, процентот на наплата од почетокот на годинава 73, 39 отсто, што е задоволително, а на тековната сметка изнесува 46,7 и се очекува да се зголеми до крајот на месецов

 

Кочани – Два хеликоптера на АРМ и МВР, заедно со пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани учествуваат  во гасењето на шумскиот пожар во атарот на селото Главовица, на Осоговските Планини.

Огнот што бил забележан вчера попладне, во текот на ноќта се проширил на поголема површина, а поради непристапноста на теренот тешко оди локализирањето и гасењето.

- На терен се три наши противпожарни екипи со исто толку возила, а рано утрово ни се придружија и хеликоптерите, во обид да ја пресечеме линијата на огнот што се движи кон повисоките делови на планината. Зафатена е површина од над 50 хектари, главно со нискостеблести растенија, но изгорена е и повеќегодишна дабова шума. Поддршка со едно возило и една екипа добивме и од колегите од Македонска Каменица, како и од Доброволното противпожарно друштво - Кочани и од јавното претпријатие „Национални шуми“, истакна Драган Апостолов, командир на ТППЕ – Кочани.

Најверојатна причина за пожарот кај Главовица е човечкиот фактор и покрај забраната за движење во шума. 

 

Куманово - Пожарот во село Руѓинце, општина Старо Нагоричане е локализиран, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово и од територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане. Во пожарот кој избувнал во 15: 20 часот гореле дува трева, ниска вегетација, багреми.

- Успеваме да го локализираме, иако брзо се ширеше и постоеше можност да ги зафати куќите. Пристигнаа екипи од соседни општини и заеднички успеавме да го локализираме. Пожарот избувна на приватна парцела, се прошири и зафати површина од околу 15-тина хектари. После 22 часот е локализиран, изјави командирот на ТППЕ Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.

Покрај осум пожарникари од Старо Нагоричане со три противпожарни возила, во гасењето на пожарот учествувале две противпожарни возила на кумановската противпожарна единица со шестмина пожарникари и една на Ранковце со двајца пожарникари. Екипа на противпожарна единица на Старо Нагоричане дежураа цела ноќ.

Во општина Старо Нагоричане, евидентиран е уште еден пожар кој зафатил површина од пет до шест хектари и исто така избувнал на приватна парцела. Во гасењето покрај пожарникари учествувала екипа на „Национални шуми“ и мештани.

 

Охрид – По вчерашната премиерна изведба на „Кралот Лир“ во рамки на Америкнаската вечер, фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со музичка содржина, преку концертот на уметниците од „Квинтето Адриатико“.

Ансамблот „Квинтето Адриатико“ е нов проект на италијанскиот пијанист Федерико Ловато, хрватската виолончелистка Латица Аниќ и Хрватско-македонскиот контрабасист и долгогодишен соработник на фестивалот „Охридско лето“, Илин -Диме Димовски.

Квинтетот е плод на повеќе од дведецениска соработка на Ловато и Димовски кои преку нивното учество и соработка во оркестарот на Фондацијата „Сан Марко“, како и гудачкиот оркестар „Солисти ин Вила“ во Портогруаро (Италија).

Во постојана потрага по нови предизвици и квалитетно заедничко музицирање тие ја контактираат фантастичната виолончелистка Латица Аниќ која гради интернационална кариера како солист и педагог на академијата во Лихтенштајн, како и македонската виолинистка Фросина Богдановска која е концерт-мајстор на оркестарот во Клагенфурт. Заедно, таа и Димовски се долгогодишни соработници во меѓународни ансамбли како оркестарот „No Borders” и „Ингац Фукс“ ансамблот.

Најновиот член на квинтетот е талентираната виолистка Дагмар Корбар, победничка на годинашниот натпревар  „Папандопуло“, водач на секцијата виоли во Холандската филхармонија и асистент-професор на музичката академија во Загреб.

На вечерашниот концерт како гостин им се придружува и македонската пијанистка која живее и работи во САД- Јана Павловска Молц.

Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. 

 

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 44 мерни места во градот.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 22 до 26 јули 2024 година зема 204 примероци за физичко-хемиска и 204 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 44 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), информираат денеска од ЈП Водовод и канализација.

Овие информации јавното претпријатие ги објавува во рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

 

Скопје – Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје минатата недела санкционирале 202 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Како што соопшти ЈП Паркинзи на Општина Центар, во периодот од 22 до 28 јули со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранети се 103 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 99 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

- ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, соопшти ЈП ПОЦ. 

 

Скопје - Секторот за внатрешни работи Битола информира дека во текот на викендот биле изречени вкупно 226 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 157 санкции.

Од другите мерки, 16 санкции се за возење под дејство на алкохол, 17 мерки за возење без возачка дозвола и друго. 

Остани поврзан