• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

10 октомври 2025 

Скопје - Македонската академија на науките и уметностите со децении претставува симбол на интелектуалниот и духовниот развој на нацијата, објави градоначалникот на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, кој денеска присуствуваше на свеченото одбележување на Денот на МАНУ. Ѓорѓиевски потенцира дека со својот научен и уметнички интегритет, МАНУ останува чувар на македонскиот јазик, култура, идентитет и соживотот меѓу различните заедници во земјава.

-Нека е честит Денот на МАНУ! На покана на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, денес имав чест да присуствувам на одбележувањето на овој значаен ден за македонската наука и уметност, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

Тој додава дека „со својот научен и уметнички интегритет, МАНУ останува чувар на македонскиот јазик, култура, идентитет и соживотот меѓу различните заедници во Македонија“.

Скопје - Поради блендирање на ППХ од ф 80 мм и поправка на ПП црево од ф 6/4 на ул.„Руди Чајевац“ бб, денеска прекинато водоснабдување имаат корисниците од улиците „Руди Чајевац“, „Фрањо Клуз“, „Коста Новаковиќ“, „Вангел Тодоровски“ и „Пандил Шишков“.

Водоснабдувањето, како што соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје е прекинато од 13:00 часот се до завршување со работните активности.

Куманово - По повод 11 Октомври, утре со почеток во 11 часот на градскиот плоштад во Куманово ќе се одржи изложба на класични автомобили „олдтајмери“, информираа денеска од клубот „Олдтајмер Витези“. И годинава, покрај македонски ќе има изложувачи и од Балканот.

- Моментално се 100 пријавени. Имаме пријавени учесници од цела Македонија, но и од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Ова е шеста изложба на нашиот клуб, а претходно организиравме и изложба во Крива Паланка за Велигден, која исто така станува традиционален собир, изјави претседателот на клубот, Стефан Трендафиловиќ.

Тој ги повика сите љубители на класични автомобили утре да го посетат плоштадот и да уживаат во уникатната колекција возила што ќе бидат изложени.

Штип - Во Штип со одржување на спортски игри во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип се одбележа Неделата на детето. Во спортските игри учествуваа дечињата од двете детски градинки и нивните клонови во Штип. Директорите на детските градинки „Вера Циривири-Трена“ и „Астибо“, Невенка Ангеличкова и Илија Митров велат дека дополнително во текот на изминатата недела се реализираа и низа активности.

Во детската градинка „Вера Циривири Трена“ Штип се собираа донации, се изработија беџови, а дечињата беа дел и од повеќе манифестации.

-Секоја прва недела во октомври е посветена на детето. Во нашата градинка се спроведоа низа активности во текот на целата недела и како последен работен ден заедно со другата градинка се договоривме заеднички децата да ја затворат неделата и да го спроведат спортскиот настан. Мислам дека се опфатени сите права на децата, вели Ангеличкова.

Скопје - Во населбата Расадник ќе биде изградена нова поликлиника за што веќе е обезбедена градска парцела и изработен е основниот проект. Поликлиниката ќе се протега на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат.

Во неа ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, а на катот интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода, кој е кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со кандидатката за градоначалник на Кисела Вода го промовираа овој нов проект што треба да се реализира. 

- Изградбата на поликлиниката во Расадник, ќе значи значително унапредување на здравствената заштита и подобрување на квалитетот на животот. Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено таа ќе придонесе за растоварување на постојните здравствени установи во Скопје, рече Ѓорѓиевски.

Изградбата на оваа здравствена установа, според Ѓорѓиевски, е барање на жителите на Кисела Вода. 

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска изврши увид во реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ во скопската населба Ченто.

Објектот кој е нефункционален од 1985 - 1986 година, сега, со реконструкцијата, треба да добие современ лик и да стане центар за одржување најразлични видови културни манифестации.  

Како што најавија Љутков и Стефковски, Домот ќе биде енергетски ефикасен, на три нивоа, со сцена за околу 180 гледачи, а ќе има и галерии, канцеларии, шминкерници, библиотека, како и инклузивни решенија (посебен лифт и адаптирани тоалети за лица со посебни потреби). Се очекува да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.

Скопје - По повод државниот празник, Ден на народното востание на македонскиот народ, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламација и операторите во Дирекцијата на претпријатието на ЈП Водовод и канализација – Скопје нема да работат.

Како што информираат од претријатието во понеделник, 13.10.2025 година, продолжуваат да работат со редовно работно време. 

Скопје - Под мотото „Правата на детето - безбеден чекор кон среќно детство!“, најмладите ученици од основните училишта во општина Илинден ја прославија „Детската недела“ и станаа дел од Детската организација. На овој посебен ден, првачињата дадоа свечена заклетва, а нивните постари соученици им приредија културно-уметничка програма исполнета со пеење, глума, игра и заедничко другарување, се наведува во соопштението од Општина Илинден, што МИА го пренесува интегрално.

Свеченоста ја збогати со своето присуство и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Притоа, децата се запознаа со целите и значењето на Детската организација, како и со своите права и обврски во рамки на училиштето.

Во текот на „Детската недела“, која се одржува од 6 до 12 октомври, низ основните училишта во општината се реализираат бројни креативни работилници со активно учество на учениците. Исто така, дел од децата ги посетија јавните институции, при што беа гости кај градоначалникот Георгиевски и администрацијата на Општина Илинден.

Охрид -  Висечките мрежи претставуваат глобален проблем за секој воден еко-систем од што не се поштедени ниту нашите езера, особено Охридското како светска природна реткост заштитена од УНЕСКО.

Тоа беше посочено на денеска одржаната работилница на Хидробиолошкиот завод во Охрид, организирана со цел запознавање на пошироката јавност со реализираните активности за отстранување на напуштен, изгубен, заборавен или на друг начин оставен рибарски алат – таканаречени „мрежи духови“ од Охридското и Преспанското Езеро.

Во четири акции спроведени од Јавната установа Хидробиолошки завод заедно со нуркачките клубови од градот и земјата на македонската страна на езерото оваа година се извадени вкупно 172 мрежи, од кои пред се со димензии на окца за ловење пастрмка и белвица.

Охрид - Со свечена седница одржана денеска во Големата сала на Општина Охрид почнаа свеченостите за одбележување на Денот на народното востание во Втората светска војна - 11 Октомври.

Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој потсети дека Народноослободителната борба претставува симбол на непокорот, достоинството и вековната борба за мир и правдина.

- Преку пожртвуваноста на нашите херои се изгради темелот на македонската државност иидентитет. Револуционерната борба на македонскиот народ е доказ дека слободата не се подарува, таа се заслужува преку единство, визија и храброст. 11 Октомври е жива меморија, таа ја претставува свесноста и сплотеноста на една генерација која избрала да не молчи, со решителност поголема од стравот и со силна идеја, посветла од темината на ропството, рече тој.

Куманово - Во пресрет на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, Куманово ќе биде домаќин на повеќе спортски манифестации во организација на Општинскиот сојуз за спорт Куманово (ОССК) и локалните спортски клубови.

Програмата опфаќа низа настани кои ќе се реализираат во текот на октомври, со цел промоција на спортот и здравите навики меѓу младите и граѓаните.

Спортските активности започнаа на 8 октомври со турнир во одбојка за жени, кој се одржа во спортската сала на средното училиште „Наце Буѓони“.

Денеска ќе се одржат два училишни турнири, во пинг-понг и одбојка. Учениците од средните училишта ќе се натпреваруваат во пинг-понг во просториите на „Наце Буѓони“, додека во основното „Кочо Рацин“ ќе се одиграат одбојкарски натпревари во женска конкуренција, на кои ќе учествуваат девет основни училишта.

Куманово - Жирито на 28-то издание на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ за најдобра ја прогласи преставата „Бог на колежот“ во изведба на Македонски народен театар – Скопје. Наградата за најдобра режија и припадна на Бојка Велкова за претстава „Постојаната сопруга“ од сатиричен театар „Алеко Константинов“ Софија, Бугарија.

Жирито одлучи на актерката Рада Каирјакова од овој театар да ѝ припадне наградата за најдобра актерка. За најдобар актер, жирито го прогласи Горѓи Јолески од претставата „Бог на колежот“ од Македонски народен театар. Никица Јанковски од кумановскиот театар кој игра во комедијата „Разбуди се Тина“ ја освои наградата за млад актер. За најдобра женска споредна улога е прогласена Јасмина Вучкова од претставата „Петок 13“ од Народниот театар Струмица, додека за најдобра споредна машка улога наградата ја освои Благојчо Стојанов кој игра во претстава „Госпоѓа Министерка“ од велешкиот театар.

И годинава се доделени награди за најдобра сценографија на Нина Пашова од софискиот театар и за костимографија на Мирјана Живковиќ од претставата „Покондирена тиква“ од Пирот Србија.

Скопје - Во соработка со Државниот завод за трансфузиологија и Црвениот крст-Општинска организација Карпош, денеска се одвива голема крводарителна акција во новата општинска зграда во Карпош 3, По повод Денови на Општина Карпош.

Како што соопштија од Општината, локалната самоуправа, во организација на Секторот за локален економски развој, традиционално ја спроведува оваа хумана акција која ќе трае до 17 часот попладне.

-Досега, до 12 часот беа регистрирани околу 45 дарители на крв, меѓу кои и вработените лица од општинската администрација на Карпош, како и повеќе искусни дарители на најдрагоцената течност, кои дарувале крв, повеќе од 100 пати, стои во соопштението.

 

Остани поврзан