• понеделник, 23 декември 2024

МЗ: Почнува караван за вакцинација против Ковид-19 во повеќе општини низ државата

МЗ: Почнува караван за вакцинација против Ковид-19 во повеќе општини низ државата
Скопје, 18 март 2022 (МИА) - Министерството за здравство соопшти дека со поддршка од Светска здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ од понеделник (21 март) почнува со караван за вакцинација против Ковид-19, кој ќе опфати 14 локални заедници низ државата. На секое од овие места, согласно распоредот, како што се посочува, граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против Ковид-19. Исто така, на овие локации граѓаните кои се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот „МојТермин“. -Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход од Ковид-19, во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето, отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита. Покрај активностите од караванот за вакцинација, кои ќе се реализираат во следните две недели и ќе опфатат 14 локални заедници, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат и во здравствените домови во државата, потенцираат од Министерството. Инаку, како што нагласуваат, статистичките податоци покажуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализации и смртни случаи, предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица, кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата, така што со овој караван целта е да ја приближиме можноста за вакцинирање до сите категории граѓани кои досега не се вакцинирале. Вакцините кои се користат се сигурни и безбедни и здравствените домови располагаат со доволни количини вакцини. Вакцинацијата останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата, информираат од Министерството за здравство. Организираниот караван за вакцинација ќе се спроведува на 21 март од 11 до 15 часот на плоштадот во Шуто Оризари, на 22 март од 12 до 16 часот на плоштадот во Кратово, на 23 март од 12 до 16 часот на плоштадот во Радовиш, на 24 март од 12 до 16 часот на плоштадот во Струмица, на 25 март од 12 до 16 часот на пазарот во струмичко Ново Село, на 26 март од 11 до 15 часот пред Ист Гејт Мол во Скопје, на 27 март од 11 до 15 часот на плоштадот во Куманово, на 28 март од 12 до 16 часот на паркингот во селото Матејче во Липково, на 29 март од 12 до 16 часот до поштата во Арачиново, на 30 март од 12 до 16 часот во ОЈУ Партизански дом во село Сандево во Чучер Сандево, на 31 март од 12 до 16 часот во дворот ОУ „Марко Цепенков“ во Зелениково, на 1 април од 12 до 16 часот во Домот на културата во село Неготино во Врапчиште, на 2 април од 11 до 15 часот во Домот на културата во Кичево и на 3 април од 11 до 15 часот кај новото шеталиште во Струга. рп/ац/

Остани поврзан