• понеделник, 23 декември 2024

МЗШВ: Општините да овозможат навремено обезбедување на потребните документи за ИПАРД апликантите

МЗШВ: Општините да овозможат навремено обезбедување на потребните документи за ИПАРД апликантите

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) потсетува дека општините имаат важна улога во реализирањето на ИПАРД програмата и во овој контекст апелира за поголема ангажираност за навремено обезбедување на потребните документи на апликантите за користење на ИПАРД средствата.

-Инвестиции и изградба на фарми, објекти за преработка, подигнување долгогодишни насади, набавка на специјализирани возила и изградба на современа инфраструктура во руралните подрачја се само дел од инвестициите кој како можности ги нуди ИПАРД 3 програмата за развој на македонското земјоделство. Општините имаат важна улога во реализирањето на ИПАРД програмата. Токму затоа апелираме на поголема ангажираност и вклученост од страна на општините, преку навремено издавање градежни дозволи и подготовка на урбанистичките документи кои им се потребни на апликантите за користење на поддршка од ИПАРД програмата. Дополнително, важна улога имаат и добавувачите на земјоделска механизација, кои имаат обврска да доставуваат реални и фер понуди на земјоделците кои сакаат да набават механизација преку ИПАРД програмата, наведува МЗШВ.

Според МЗШВ, државава по неколку основи е лидер во реалзиацијата на ИПАРД.

-Имаме најголема искористеност од 98 отсто на средства од ИПАРД 2 програмата, со склучени 2369 договори, нула евра поврат на европски средства за поддршка и први во регионот започнуваме со реализација на ИПАРД 3 програмата. Првите 30 милиони евра, преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, се веќе ставени на располагање за инвестиции во македонскиот агросектор. Кај овој јавен повик расположливите средства се наменети за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за прерабтки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Инвестиции за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила. Поддршката од оваа мерка дава можност за јакнење на руралните подрачја преку инвестиции во подобрувањето на услугите за руралното население и инвестиции во руралниот туризам. ИПАРД е наша успешна приказна, успех со кој треба сите да се гордееме. Затоа потребна е максимална посветеност од сите страни, нагласува Министерството. мч/са/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан