• сабота, 25 јули 2026

Меѓународен музички фестивал „Чаршија“ од 23 до 26 јули во организација на Општина Чаир

Меѓународен музички фестивал „Чаршија“ од 23 до 26 јули во организација на Општина Чаир

Скопје, 9 јули 2026 (МИА) - Општина Чаир од 23 до 26 јули во Куршумли ан и Сули ан ќе организира меѓународен музички фестивал насловен „Чаршија“, кој ќе се одржи под уметничко водство на светски познатата оперска дива Инва Мула и сопранистката Дшира Ахмети.

Најавувајќи го првото издание на фестивалкот, Општината соопшти дека со него почнува „ново поглавје во културниот живот“ и оти Мула и Ахмети „со своето искуство, уметничка визија и меѓународно признание на фестивалот ќе му дадат посебна вредност и меѓународен карактер“.

-Во текот на четирите фестивалски вечери, публиката ќе има можност да ужива во богата уметничка програма со концерти на класична музика, камерна музика, оперска гала вечер, како и уметнички интерпретации на албанската традиционална музика, со учество на реномирани домашни и странски уметници. Фестивалот претставува нова културна иницијатива чија цел е создавање одржлива уметничка традиција, претворајќи ја Старата скопска чаршија во простор каде што се среќаваат музиката, културата и историското наследство, информира Општина Чаир. 

Општината во соопштение посочува дека целта на иницијативата е и да ја зајакне меѓународната културна соработка, да го афирмира богатото наследство на Старата скопска чаршија и да придонесе кон развојот на културниот туризам во Скопје.

-Ова е првото издание на фестивалот „Чаршија“, кој ќе се одржува секоја година, со амбиција да прерасне во еден од најпрепознатливите културни настани во земјата и регионот, информира Општина Чаир. 

Во претстојниот период ќе биде објавена целата програма и придружните активности на новиот музички фестивал „Чаршија“. хс/

Фото: плакат / Општина Чаир