• понеделник, 23 декември 2024

Мечка нападнала дански турист на Шар Планина

Мечка нападнала дански турист на Шар Планина

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Мечка денеска нападнала дански турист, кој заедно со група скијачи учествувал во т.н. „фри рајд“ скијање (надвор од скијачки патеки) во близина на Попова Шапка. 

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), нападот се случил околу 10.45 часот во месноста Јелак на Шар Планина.

- Мечката со гризнување и гребење му нанела повреди на нозете на скијачот. Екипа на итната медицинска помош од Тетово го транспортира повредениот скијач кон Тетовската болница, каде дополнително ќе биде утврдена тежината на повредите, соопшти ЦУК.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов беше на Попова Шапка од каде изјави дека туристот бил нападнат од мечка, која била исплашена за своите мечиња.

- Се уште немаме информации за каква рана се работи, но најверојатно не се работи за некоја посериозна повреда зошто по преврската на раната туристот ја напуштил болницата, рече Ангелов.

Тој информира дека последната година имаат повеќе пријави за зголемен број мечки на Шар Планина и околу Попова Шапка. Најави дека ЦУК ќе иницира неколку работни средби со раководството на НП „Шар Планина“ за да се изнајде решение со кое, како што рече, ризикот или опасноста од средби со мечки ќе биде намалена. мд/са/

Фото и видео: ЦУК

Остани поврзан