• четврток, 19 декември 2024

Мецола: Главен предизвик е деескалација на состојбата на Блискиот Исток 

Мецола: Главен предизвик е деескалација на состојбата на Блискиот Исток 

Брисел, 17 април 2024 (МИА) – По иранските напад без преседан врз Израел, сега се соочуваме со предизвикот како да се деескалира состојбата на Блискиот Исток, порача вечерва претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола при пристигнувањето на дводневниот Специјален самит на Унијата во Брисел.  

- Во исто време, ќе продолжиме да повикуваме на траен прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, со цел да се овозможи дистрибуција на толку потребната хуманитарна помош за цивилното население кое гладува во Газа, истакна Мецола. 

Мецола додаде и дека ЕУ не смее да се откаже од доставувањето помош за Украина, која, како што рече, има потреба од поголеми количества противвоздушна одбрана и муниција.  

- Мора да бидеме побрзи во набавката на опрема за тие да можат да се одбранат себе си. Тие од нас бараат помош, а ние треба да бидеме подготвени да им ја дадеме таа помош, порача Мецола. 

Што се однесува до европската конкурентност, според Мецола, на Самитот ќе стане збор за енергетска унија, одбранбена унија, унијата на пазарот на капитал, здравствена унија... 

- Нашата порака е дека не треба да заборавиме оти она што навистина ни треба се Европската Унија и единствениот пазар, кои работат за сите во секоја земја членка, истакна Мецола, притоа заблагодарувајќи му се на претседателот на Институтот „Жак Делор“ и поранешен италијански премиер Енрико Лета за изработката на Извештајот за иднината на единствениот европски пазар, што ќе биде разгледуван на утрешното продолжение на Самитот.  

Посочувајќи дека ова е последен планиран Самит на ЕУ пред изборите за членови на Европскиот парламент во јуни, Мецола истакна дека ќе апелира до шефовите на држави или влади на членките на Унијата да се вклучат во кампањата за охрабрување на гласачите, особено на младите, да учествуваат на евроизборите. 

Во однос на информациите за сознанија Русија се обидува да се меша во изборниот процес, Мецола нагласи дека Европскиот парламент ќе работи со сите институции и земји членки на ЕУ за да обезбеди изборите и демократските институции да не бидат изложени на странско мешање. 

- Сега влегуваме во активен период на кампањата и мораме да бидеме многу внимателни, додаде Мецола. сп/ 

Фото: ЕНР 

Остани поврзан