• сабота, 23 ноември 2024

Меркел ќе го добие „Големиот крст на Редот за заслуги“, најголемото германско одликување

Меркел ќе го добие „Големиот крст на Редот за заслуги“, најголемото германско одликување

Берлин, 29 март 2023 (МИА) - Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ќе го добие „Големиот крст на Редот за заслуги“, што е највисокото одликување во Германија, потврдија од кабинетот на претседателот Франк-Валтер Штајнмаер по објавата на магазинот „Штерн“.

Досега ова признание го добија само поранешните канцелари Конрад Аденауер и Хелмут Кол. Сите тројца политичари се од конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Орденот со специјален дизајн ќе и биде врачен во април, соопшти канцеларијата на германскиот претседател.

Над оваа награда е само „Големиот крст“ што му се доделува на секој германски претседател по преземањето на функцијата, како и на шефовите на странски држави.

Меркел беше канцелар од 2005 до 2021 година. Според магазинот „Штерн“, на церемонијата ќе присуствуваат нејзиното семејство и бројни политички пријатели.

Покани, меѓу другите, им се испратени на партиските колеги од ЦДУ, Томас де Мезиер и Питер Алтмаер, а таа го поканила својот прв вицеканцелар од Социјалдемократската партија (СПД), портпаролот на нејзината влада и блиски соработници.

Магазинот „Штерн“, меѓутоа, наведува дека на списокот поканети на церемонијата не е никој од сегашното раководство на ЦДУ или од нејзината сестринска партија, баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), како и бизнис ориентираната Слободарска демократска партија (ФДП).

Затоа поканети се поранешниот источногермански активист за граѓански права Рајнер Епелман, актерот Улрих Матес и поранешниот селектор на фудбалската репрезентација Јирген Клинсман. сд/

Остани поврзан