• сабота, 23 ноември 2024

Меркел: Најголемите предизвици беа масовниот прилив на бегалци и пандемијата на коронавирусот

Меркел: Најголемите предизвици беа масовниот прилив на бегалци и пандемијата на коронавирусот
Берлин, 8 октомври 2021 (МИА) - Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел изјави дека најголемите предизвици за време на нејзиниот 16-годишен мандат биле масовното бегство на луѓе од Сирија и околните земји и пандемијата на коронавирусот. „Во двата случаи се виде дека тоа директно влијае на луѓето, дека се работи за човечки судбини“, рече Меркел во интервју за Дојче веле. На прашањето дали мисли дека Германија успешно се изборила со пристигнувањето на 800.000 бегалци во 2015 година, на што тогаш реагираше со познатата изјава „Ќе успееме“, Меркел одговори дека не згрешила. Меркел вели дека „на некој начин кризата во нејзино време како канцеларка била тоа што се повеќе луѓе во светот го доведуваат во прашање мултилатерализмот“. „Тоа отсекогаш ми било важно и секогаш се трудев да ги зајакнам меѓународните организации, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Светската трговска организација и други“, рече таа. Во однос на климатските промени, Меркел изјави дека е неопходна „многу, многу побрза“ акција. Таа додаде дека двонеделната Конференција на ОН за климатски промени, која се одржува во Глазгов, Шкотска, „веќе постигнала одредени резултати“, но додаде дека „од перспектива на младите луѓе, со право изгледа премногу бавно“. „Им велам на младите: мора да извршите притисок“, рече Меркел. Меркел ќе ја предводи техничката влада додека Бундестагот не избере нов кабинет, откако ќе биде договорено новото парламентарно мнозинство. Таа во 2018 година најави дека нема да се кандидира за нов мандат на изборите одржани во септември годинава. Канцеларката наведува дека се уште не знае што ќе прави во иднина, вели дека прво малку ќе одмори и дека многу ќе чита и спие. паг/  

Остани поврзан