Меморандум за соработка на „Го дигитал“ и партнери што ќе поддржат дигитална трансформација на мали и средни компании
- Новоформираната Фондација-Центар за дигитална трансформација „Го дигитал“ денеска потпиша Меморандум за соработка со партнерите кои ја поддржуваат нејзината мисија за креирање екосистем за дигитална трансформација на македонските микро, мали и средни претпријатија.
Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Новоформираната Фондација-Центар за дигитална трансформација „Го дигитал“ денеска потпиша Меморандум за соработка со партнерите кои ја поддржуваат нејзината мисија за креирање екосистем за дигитална трансформација на македонските микро, мали и средни претпријатија.
Целта на оваа непрофитна организација е да бидат поддржани компании кои се успешни во работата, но им недостигаат дигитални вештини за да бидат конкурентни и меѓународно видливи и да бидат поттикнати за извоз на глобалните пазари.
Иницијативата за основање на Центарот е на бордот на „Македонија 2025“ и меморандумот беше потпишан во рамки на Самитот „Македонија2025“ со негови претставници и со партнерите од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), Клириншка куќа-Клириншки интербанкарски системи АД Скопје и Виза Југоисточна Европа.
Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на Македонија2025 и на „Го дигитал“, истакна дека дигитализацијата ќе овозможи напредок во брз развој на бизнисите, намалување на корупцијата, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
-Со напорот што го правиме и со здружување на нашите и ресурсите со партнерите заедно ќе придонесеме кон побрза дигитализација, барем во еден дел од општеството – дигитализација на бизнисите. Мора да се здружиме и да создадеме екосистем кој во моментот не постои и заедно да се обидеме да ја помогнеме дигиталната трансформација, рече Мојсоска-Блажевски која посочи дека неодамнешното формирање на „Го дигитал“ следува откако пред една година бордот на директори во „Македонија2025“ донел стратешка одлука за оперативно фокусирање на дигитализацијата во компаниите во државава.
Мајкл Чкламовски, претседател на Одборот на директори на „Македонија2025“, истакна дека оваа иницијатива е меѓу исклучително високите стандарди што ги поставуваат и дека токму дигитализацијата е предизвикот каде што сакаат да ја дадат својата поддршка.
-Си поставивме предизвик – кои се областите каде што може да дадеме нашата поддршка, која е едната или две области во кои можеме и да имаме контрола и да направиме големи ефекти. Една од областите каде што решивме да определиме ресурси е дигитализацијата. Идејата беше да ја создадеме „Го дигитал“ затоа што можеме да создадеме нешто поголемо, да создадеме еко-систем во земјата, да ангажираме и други чинители, други партнери за да направиме нешто многу подобро, рече Чкламовски.
Партнер што го поддржува „Го дигитал“ е Амбасадата на Швајцарија со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Амбасадорката Вероник Улман рече дека ја поддржуваат Северна Македонија во оваа сфера, особено затоа што таа е насочена кон приватниот сектор кој, рече, мора да верува за да може да учествува во иновативниот развој. Еден од клучните елементи за тоа, нагласи Улман, е дигитализацијата на приватниот сектор и вештачката интелигенција.
Посочи дека агробизнисот и одржливиот активен туризам во земјава се областите кои може да се зајакнат преку дигитализацијата и, рече, тоа се огромни можности за развој.
-Нашиот придонес е мал но овозможува да се даваат деловни услуги преку мрежа на консултанти коишто се сертифицирани, кои може да ги даваат своите услуги на профитниот сектор, на компаниите. Тоа е од клучна важност за да им се овозможи тие да ги остваруваат своите бизниси. Знаеме од искуствата од Европа и надвор од неа дека дигиталната трансформација на приватниот сектор ако не постои нема да може да се интегрирате на меѓународните пазари, а исто така нема да може да го држите чекорот со иновациите. Дигитализацијата придонесува не само за ефикасноста туку и ги намалува можностите за корупција и придонесува за квалитетот на работењето. Тука имаме одлично партнерство – приватниот сектор, рече Улман по потпишувањето на меморандумот и очекува да мотивираат повеќе приватни компании да се приклучуваат на оваа инцијатива.
Горан Анастасовски, извршен директор на Клириншка куќа - Клириншки интербанкарски системи АД Скопје (КИБС), истакна дека за нив е многу важно учеството во оваа иницијатива затоа што, рече, се занимаваат, пред се, со едукација на мали и средни претпријатија.
- Како куќа на пазарот сме веќе 20-ина години со продукти во дигитализацијата што ги правиме со партнери, и секогаш сме имале проблем во прифаќање на нашите производи поради недоволно едуциран кадар во компаниите. Со ова се надеваме и таму ја гледаме можноста во иднина да се едуцира кадар во тие компании што ќе може да ги прифатат продуктите наши и на останатите компании во Македонија. Се надеваме и дека јавната администрација, сега со новата Влада, ќе има повеќе сенс за дигитализација, не само формално, туку и дека навистина ќе се направи нешто, рече Анастасовски.
Идеен творец на Центарот за дигитална трансформација „Го дигитал“ е Васко Кроневски, извршен директор на компанијата „Некстсенс“ и член на Одборот на директори „Македонија2025“. Тој им се заблагодари на партнерите со кои денеска беше потпишан меморандумот и истакна дека тоа е круна на активностите за формирање на Центарот. Нагласи дека дигитализацијата на приватниот сектор - мали и средни претпријатија е една од клучните интервенции со кои може да се помогне во економски и одржлив развој и во борбата со корупцијата.
-Осмисливме концепт кој сметаме дека е одржлив. Целта на „Го дигитал“ е да воспостави организација која ќе се грижи за развојот на целиот екосистем на одржлив развој на дигитализацијата на мали и средни претпријатија. Базиран е на многу строги и многу вредни принципи, на етика, професионалност и интегритет, но долготраен и одржлив, истакна Кроневски. хс/лв/
Фото: МИА