• понеделник, 23 декември 2024

Мелони: Монетерната политика на ЕЦБ може да предизвика поголема штета отколку корист

Мелони: Монетерната политика на ЕЦБ може да предизвика поголема штета отколку корист

Брисел, 28 јуни 2023 (МИА) - Со зголемувањето на каматните стапки, Европската централна банка следи поедноставен рецепт за борба против инфлацијата што може да направи повеќе штета отколку корист, предупреди денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони.

На јунската сесија, ЕЦБ повторно ги зголеми каматните стапки во еврозоната на највисоко ниво во последните 22 години и додаде дека речиси сигурно ќе ги зголеми во јули бидејќи инфлацијата ќе остане над целта од два отсто до крајот на 2025 година.

- Треба одлучно да се бориме против инфлацијата, но многумина веруваат дека едноставениот рецепт за зголемување на каматните стапки што го следи ЕЦБ не е добро решение, рече Мелони во Парламентот.

- Мораме да го вклучиме во пресметката ризикот дека континуираното зголемување на каматните стапки може да им наштети на нашите економии повеќе отколку инфлацијата, дека лекот на крајот може да направи повеќе штета отколку самата болест, оцени шефицата на италијанската Влада.

Стравувањата на Рим се дека зголемените каматни стапки ги зголемуваат трошоците за сервисирање на јавниот долг на Италија и оти е можно да предизвика нова рецесија.

Италијанската премиерка се надоврза на неколку членови на владата кои ја критикуваа ЕЦБ од почетокот на циклусот на затегнување на монетарната политика во јули минатата година.

Министерот за животна средина и енергија Жилберто Пичето Фратин изјави дека „прекумерното“ зголемување на стапката на ЕЦБ може да има ефект на бумеранг.

Министерот за надворешни работи Анонио Тајани изјави дека зголемувањето на трошоците за задолжување „не е во интерес на (економскиот) раст“.

Мелони, говорејќи во Домот на пратеници во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, посочи дека инфлацијата не е предизвикана од прегревање на европската економија, туку од надворешни фактори, како што е војната во Украина, која го поттикна растот на цените на енергенсите.

Претставниците на Италија во ЕЦБ, членот на Управниот одбор Фабио Панета и шефот на италијанската централна банка Игнацио Виско, се меѓу поборниците за мека монетарна политика во управниот совет кој одлучува за каматните стапки во еврозоната. ссм/

Остани поврзан