• вторник, 26 ноември 2024

Мексико ги заострува казните за фемицид

Мексико ги заострува казните за фемицид
Мексико Сити, 3 март 2023 (МИА) - Локалните пратеници во Мексико дадоа одобрение за правната реформа со која ќе се суспендираат родителските права на мажите кои се под истрага за убиства на жени, како и за построги санкции за напади со киселина врз жени.

Мексико се соочува со една од највисоките стапки на родово засновано насилство во светот, а низата фемициди - убиства на жени или девојки - предизвика жестоки протести во земјата каде жените се борат за поголемо влијание.

Пратениците во централната држава Пуебла едногласно ја поддржаа реформата за „прекинување на родителските права во случаи на фемицид“, предизвикувајќи гласни овации во салата по едноминутно молчење за жртвите на злосторството.

Реформата го носи името на адвокатката Сесилија Монзон, која беше убиена минатиот мај. Властите подоцна го уапсија главниот осомничен, поранешен конгресмен и татко на нејзиното дете.

Едногласно беше усвоен и предлог-законот за казнување на напади со киселина, до 40 години затвор, третирајќи го делото како еквивалент на обид за фемицид.

Со реформата наречена „Закон на Малена“ и се оддава почит на саксофонистката Марија Елена Риос, која сведочеше пред судот за напад со киселина во нејзиниот дом кој ја остави со тешки изгореници.

На обвинетиот осомничен претходно оваа година му беше одреден куќен, пред друг судија да го поништи, објавија локалните медиуми.

„Оваа реформа нека стане пример на национално ниво што ќе ни овозможи подобра правна рамка и пристап до живот без насилство“, напиша локалната претставничка Нора Ескамила на Твитер.

Бројот на пријавени убиства на жени во Мексико се зголеми за повеќе од 600 минатата година на 7.646, при што повеќето случаи се прогласени за помало кривично дело - убиство од небрежност.

Тоа изнесува во просек повеќе од 20 убиени жени дневно. Податоците на владата од 2019 година покажаа дека во просек се изречени само четири казни на секои сто убиени жени. паг/

 

Остани поврзан