• понеделник, 23 декември 2024

Медиумски организации ги поканија Бајден и Трамп да одржат дебати во текот на претседателската кампања

Медиумски организации ги поканија Бајден и Трамп да одржат дебати во текот на претседателската кампања

Вашингтон, 15 април 2024 (МИА) - Дванаесет американски медиумски организации ги повикаа кандидатите за претседател на САД Џозеф Бајден и Доналд Трамп да се договорат да дебатираат меѓусебе за време на кампањата, велејќи дека тоа е традиција што е дел од секоја изборна кампања од 1976 година.

Додека Трамп, кој е републикански кандидат, изрази подготвеност да одржи телевизиска дебата со неговиот демократски ривал, сегашниот претседател на САД, Бајден, се уште не даде изјава во врска со тоа.

Запрашан на почетокот на март дали планира да одржи дебата со Трамп, Бајден рече дека тоа „зависи од неговото однесување“, мислејќи на хаотичната дебата во 2020 година кога во еден момент му рече на својот ривал „да замолчи“.

Менаџерите на кампањата на Трамп, Сузи Вајлс и Крис Ла Сивита, во јавно писмо минатата недела рекоа дека „претседателот Трамп е подготвен да дебатира во секое време и каде било“.

Изборниот штаб на Бајден одби да го коментира писмото на медиумските организации, укажувајќи на претходната изјава на претседателот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан