МВР Билтен
- На 24.03.2025 во 02.30 часот на регионалниот пат Неготино - Градско, кај циглана во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишија од слобода Д.К.(19) од Велес, С.Т.(25) од село Црвени Брегови, неготинско и еден малолетник.

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - На 24.03.2025 во 02.30 часот на регионалниот пат Неготино - Градско, кај циглана во Неготино, полициски службеници од ОВР Неготино ги лишија од слобода Д.К.(19) од Велес, С.Т.(25) од село Црвени Брегови, неготинско и еден малолетник. Тие се затекнати како товарат предмети во патничко возило „фолксваген голф“ со велешки регистарски ознаки и при преглед во возилото пронајдени се предмети кои ги одзеле од двор на фирма во Неготино. Пронајдените предмети и возилото се одземени, за настанот се запознаени адвокат за малолетници, Центар за социјални работи и јавен обвинител. Д.К. и С.Т. се задржани во полициска станица и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С.Е.(63) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „примање поткуп“ по член 357 и „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 од Кривичниот законик. Пријавениот, раководител на Одделение за урбанизам, комунални дејности, локален економски развој и заштита на животна средина во општина Маврово и Ростуше, побарал поткуп од 13.000 евра и ветил дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, а требало да се исплати во неколку рати. На 19.03.2025 во угостителски објект во Скопје, тој бил фатен при исплата на парите од првата рата, откако биле претходно криминалистичко - технички обработени. Исто така, бил извршен претрес на лицето и службеното возило и биле пронајдени предмети од интерес на истрагата, по што бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.
СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Р.(19) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,разбојништво во обид“. На 18.03.2025 во Битола, пријавениот со остар предмет упатил закани на Е.У. во неговата куќа.
На 24.03.2025 во 02.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Л.(25) од Куманово затоа што кај него била пронајдена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 23.03.2025 околу 23.30 часот во Струга, полициски службеници од ОВР Струга ги привеле А.И.(21) од с.Шум, струшко и И.М.(22) од Струга. При преглед во возилото „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, кое го управувал А.И., а сопатник бил И.М., кај И.М. била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
СВР Битола поднесе кривична пријава против С.Д.(44) од с.Дебреште, општина Долнени, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,кражба“ и против С.Д.(55) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 03.11.2020 првопријавениот во атарот на с.Пешталево, пријавениот бил затекнат како управува товарно возило „ман“ натоварено со букови дрва на кои немало и не поседувал документација. Додека, второпријавениот - главен инспектор за општ криминалитет во Надворешна канцеларија за криминалистички работи при ОВР Прилеп, не се придржувал на прописите и стандардите, со што овозможил кривично правен настан, за кој биле обезбедени докази, да не биде процесуиран до надлежното Основно јавно обвинителство и на тој начин овозможил да течат роковите за кривично гонење.
На 23.03.2025 околу 19.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека била опожарена куќа на подрачје на Шуто Оризари, сопственост на Р.Б.(57) и А.Б.(53), двајцата од Скопје, кои моментално се надвор од државата. На местото бил затекнат Е.Д.(51) од Гостивар, кој бил лишен од слобода и приведен во полициска станица. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Велес поднесе кривична пријава против Б.П.(21) од Неготино и С.С.(22) од Росоман поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,криумчарење на мигранти“. На 13.03.2024, пријавениот со патничко возило „ауди“ од Гевгелија кон Скопје превезувале осум мигранти од Сирија, од кои еден малолетник.
На 23.03.2025 во 11.10 часот во СВР Скопје, Ф.С.(22) од населба Илинден, скопско, пријавил дека на 22.03.2025 околу 19.40 часот во населбата, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од Г.Т.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ѓ.С.(37) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство. На 06.01.2025, пријавениот во семејниот домот физички ги нападнал неговата мајка и неговиот брат.
На 23.03.2025 во 23.38 часот во Полициската станица Чаир, Д.Д. од Скопје, советник во општина Бутел од една партија, пријавил дека околу 20.00 часот забележал дека на социјална мрежа бил објавен статус од лицето Д.К. во кој се напишани закани и клевети кон неговата партија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 23.03.2025 во 18.40 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца е пријавено дека во установата се вратил нивниот штитеник Р.М.(17), за кој истиот ден беше пријавено дека се оддалечил од установата. вг/
Фото: МИА Архива