• сабота, 21 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 9 декември 2024 (МИА) - На 08.12.2024 во 19.10 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Н.И.(20) од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја и кафеава грутчеста материја. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Вчера во 19.20 часот во атар на с.Трубарево, скопско, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода С.А.(21) и еден малолетник, двајцата од с.Трубарево и Б.Д.(46) од Скопје. Тие биле затекнати при вршење бесправна сеча на дрва, кои заедно со моторната пила биле одземени и предадени на Шумска полиција. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.     

На 08.12.2024 во Полициското одделение Чашка бил извршен службен разговор со Џ.И.(42) од село Долно Јаболчиште, општина Чашка. Претходно, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија при СВР Велес, врз основа на судска наредба, извршиле претрес во неговиот дом, при што пронашле и одзеле една ловечка пушка и 16 куршуми за пушката. По документирање на настанот против Џ.И. ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.К.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 19.09.2024 во парк во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Н.Ѓ.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ во врска со „продолжено кривично дело“. На 03.10.2024 во с.Визбегово, скопско, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген голф“, управувано од пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин, а на 26.11.2024, при извршен претрес во домот на пријавениот, бил пронајден и одземен хероин.

На 09.12.2024 во 01.30 часот на Граничен премин Табановце, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин Табановце го лишиле од слобода Б.О.(68) од Гостивар затоа што при пасошка контрола било констатирано дека бил баран по распис од ОВР Гостивар во врска со член 247 од Кривичниот законик. Лицето е спроведено и задржано во ПС Гостивар за понатамошна постапка.   

Денеска во 02.50 часот во Скопје, пред угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле Е.М.(18) од Скопје затоа што кај него бил пронајден и одземен нож. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 09.12.2024 во 04.00 часот на Градскиот плоштад во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги привеле Ѓ.Ѓ.(25) и М.А.(21), двајцата од Росоман и А.Н.(23) од Кавадарци затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.С.(44) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“. Во текот на 2021 година во својство на службено лице како референт по сеча и дотур во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Скопје, ШС Галичица – Охрид, пријавениот ги повредил законските прописи со пропуштање на должен надзор и несовесно постапувајќи во вршењето на своите овластувања. Тој го фалсификувал извештајот за прием на дрвна маса и го искористил како да е вистинска исправа.

Денеска во периодот од 03.35 до 03.50 часот во Скопје, пред угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги привеле П.А.(18), Д.Д.(18) и малолетник, тројцата од Скопје, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

Денеска во 02.50 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за интрвентна полиција при СВР Скопје го привеле Л.А.(18) од Скопје затоа што во угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром во Скопје го нарушил јавниот ред и мир со физичка пресметка со двајца малолетници од с.Јегуновце, тетовско и с.Крушопек, општина Сарај. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Ќ.М.(22) од дебарското село Могорче поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. На 11.03.2024 влегол во канцеларијата на експозитура за брзи кредити и доставил возачка дозвола од друго лице со која сакал неовластено да подигне пари. 

Денеска (09.12.2024) во 04.00 часот во СВР Скопје, Е.М.(18) од Скопје пријавил дека околу 02.30 часот пред угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром во Скопје бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 08.12.2024 во Полициското одделение Ропотово било пријавено дека околу 10.20 часот настанал пожар во куќа во с.Житоше, сопственост на Џ.У.(35) од с.Житоше. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Прилеп.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против В.Р.(33) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 27.11.2024 на локален пат во кичевското село Осој, тој бил затекнат од патрола на Шумска полиција при нелегален транспорт на огревно дрво со возило „лада нива“. Притоа, тој не застанал на даден знак од овластените службеници на шумската полиција и со возилото удрил еден шумски полицаец, по што избегал. По преземени мерки, В.Р. бил пронајден и лишен од слобода.

На 08.12.2024 во 16.35 во ОВР Неготино било пријавено дека во куќа во село Црвени Брегови, неготинско, биле пронајдени починати Ј.Ј.(71) од Битола, Ф.Е.(66) од Ресен и малолетник од село Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт, а увид на местото извршил Јавен обвинител во содејство со увидна екипа од ОВР Неготино. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција. 

На 08.12.2024 во 19.27 часот во СВР Скопје, вработен како обезбедување на Зелен пазар - Тафталиџе пријавил дека околу 19.20 часот во кругот на пазарот пронашол една рачна бомба. Увид бил извршен, а екипа од антитероризам безбедно ја подигнале бомбата за понатамошна постапка.  ра/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан