• четврток, 26 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Сектор за криминалистички истраги - Единица за корупција, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Д.Г.(58), Е.А.(58) и О.П.(44), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „оддавање службена тајна“, „попречување на правдата“ и „противправно стекнување и прикривање имот“.

Од МВР денеска соопштија дека пријавените Д.Г. и Е.А., во периодот кога биле вработени во Министерството за внатрешни работи, заедно со О.П., се приклучиле на организирана криминална група за која прибавувале, соопштување, пренесување или на друг начин овозможувале достапност на податоци што претставуваат службена тајна. Во периодот од декември 2019 година до март 2021 година, знаејќи за постоење на интерес на поголем број на личности за добивање на вакви податоци и службени информации за актуелни криминалистички истражувања, планирани мерки и активности за лишување од слобода, со посебен акцент за податоци дали и против кои личности и од кои причини се спроведуваат оперативни и истражни дејствија, како и дека таквите податоци и информации можат да се прибават со давање на парични награди, се поврзале со оваа криминална група во која имале посебна улога за пренесување службени информации, поврзани со организирани криминални групи инволвирани во извршување на криминални активности од повеќе области, особено на тешки кривични дела, од кои за некои е предвидена и казна доживотен затвор.

- Имено, Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК, од октомври 2023 година до јануари 2024 година спроведуваше истрага за македонски државјани, кои како членови на меѓународна криминална група, користејќи ја енкриптираната SKY/ECC апликација договарале и преземале активности за организирање на набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и РС Македонија и учествувале во извршување на други кривични дела, а која заврши со кривична пријава против 16 лица. По поднесување на кривичната пријава, Одделот за криминалистичка полиција продолжи со анализа на податоците добиени од Еуропол и Еуроџаст и во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК обезбедени се докази врз основа на кои е дојдено до сознание дека пријавените ги сториле делата, се појаснува во соопштението.

Начинот на кој пријавените ги извршувале делата предизвикало штета врз работењето на државните органи во постапките за кривичен прогон на лица, кои се од значење за јавната безбедност, безбедносните и разузнавачките активности на органите, како и прибирање и пренесување на информации кои не се наменети за јавна употреба, а со чие откривање се намалила ефикасноста на работењето на државните органи. На 03.11.2024, по преземени оперативно - тактички мерки и активности, како и врз основа на наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домовите на лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефони, лап - топ компјутер и разновидна документација. Лицата се лишени од слобода.

СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Н.Т.(49) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување", „фалсификување на исправа"  и „злоупотреба на лични податоци", против правно лице со дејност во сателитска комуникација и емитување телевизиски програми  од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци" и „фалсификување исправа", против К.А.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за  сторено кривично дело ,,употреба на исправа со невистинита содржина" и против правно лице - регистрирано за курирски услуги од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина". Првопријавениот Н.Т., управител на второпријавеното правно лице, во текот на 2024 година, во повеќе наврати злоупотребил лични податоци на вкупно 588 лица, корисници на услуги, на кои што претходно им истекле договорите за користење на услугите од  правното лице и со тие лични податоци склучил фиктивни договори   како да наводно се склучени нови 588 договори за користење на услуги со второпријавеното правно лице за емитување сателитски телевиски програми. Врз основа на овие фиктивни договори, од второпријавеното правно лице, по неколку  испорачани фактури трансферирал 1.637.080 денари на четвртопријавеното правно лице со кое што имал  склучено договор за деловно - техничка соработка за наводна монтажа и демонтажа на сателитска опрема, за наводно склучените договори. Третопријавениот К.А., како управител на четвртопријавеното правно лице, уплатените парични средства ги вадел и ги давал  во готово на првопријавениот Н.Т..   

СВР Штип поднесе кривична пријава против Т.Р.(71) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“. На 30.09.2024 на улица „Кеј на Брегалница“ во Делчево, пријавениот физички нападнал малолетник.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Љ.Н.(57) од с.Габрово, делчевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. Пријавениот во неколку наврати физички го нападнал својот татко.

СВР Штип поднесе кривична пријава против И.М.(48) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 07.09.2024 во Пробиштип, пријавениот физички го нападнал А.Ј. и му нанел тешка телесна повреда.

Денеска (04.11.2024) во 00.30 часот во СВР Скопје, И.М.(28) од Скопје пријавил дека на 03.11.2024 околу 23.50 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Ќ.(32) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Денеска (04.11.2024) во 02.35 часот во СВР Скопје, С.М.(45) од Скопје пријавил дека околу 00.10 часот на подрачјето на Бит Пазар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од четири лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 03.11.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Центар, по претходно случена сообраќајна незгода, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.Б.(21) и 68 – годишната З.О., двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 03.11.2024 во 10.00 часот во СВР Скопје, 22-годишна жена од Косово пријавила дека околу 02.30 часот во домот на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер В.А.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 03.11.2024 во 19.30 часот во СВР Скопје, 67-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 16.00 часот во домот на подрачјето на Гази Баба била физички нападната од нејзината ќерка Д.С., која употребила и тврд предмет и оштетила дел од покуќнината. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 02.11.2024 во 17.00 часот во СВР Скопје, Ф.З.(35) од Скопје пријавила дека на работното место во казино на подрачјето на Шуто Оризари била физички нападната од Џ.Б.(34) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 02.11.2024 во 12.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.Р.(31), Л.Р.(49), Џ.Р.(54), Ј.С.(28) и Н.Р.(37), сите од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. цр/

Фото: МИА

 

Остани поврзан