• понеделник, 23 декември 2024

Марковски и Куши согласни за потребата за воведување нови форми за изучување на македонскиот јазик

Марковски и Куши согласни за потребата за воведување нови форми за изучување на македонскиот јазик
Тирана, 13 октомври 2022 (МИА) - Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски оствари работна средба со албанската министерка за образование, спорт и млади, Евис Куши, на која искажаа согласност за потребата за воведување нови форми за изучување на македонскиот јазик, информираа од Амбасадата.
Во разговорот биле реафирмирани одредбите од билатералниот Договор за соработка во областа на образованието и науката, со посебен акцент на одредбите за поддршка на иницијативите за обезбедување настава на македонски јазик во делот на високото образование на Република Албанија.
- Амбасадорот Марковски информираше за воспоставената соработка меѓу Педагошкиот факултет и Филолошкиот факултет кои делуваат во составот на битолскиот Универзитет и Универзитетот во Корча, со посебен акцент на организирање настава за македонски јазик како за студентите, така и за останати заинтересирани лица преку редовна настава, курсеви, on line и др, стои во објавата.
Заеднички било констатирано дека актуелната состојба не соодејствува со реалните потреби и односи на двете држави, како во академската заедница, така и во бизнис секторот.
Инаку во средината на минатиот месец министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорот Марковски, деканот на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, Добри Петровски, претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов и Васил Стерјовски остварија работна посета на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча со ректорот Димитар Бело и со деканката на Филолошкиот факултет Јонела Спахо.
На средбите, како што беше соопштено, се финализирале подготовките за вклучување на македонскиот јазик во наставно-образовната програма во рамките на Универзитетот „Фан С. Ноли“ од Корча а биле разменети идеи за заеднички програми и проекти помеѓу универзитите во Корча и Битола и други универзитети. вт/сст/

Остани поврзан