• сабота, 21 декември 2024

Манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“ почнува викендов

Манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“ почнува викендов

Крива Паланка, 13 март 2024 (МИА) - Со новиот, уникатен и несекојдневен огнен спектакл и маскенбал „Сусурига 2024“, што привлече меѓународен интерес за учество, викендов почнува програмата на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата 2024“.

- „Сусурига 2024“ ќе се одржи на градскиот плоштад во Крива Паланка в сабота, 16 март, со почеток во 18 часот, во пресрет на христијанскиот празник Прочка и ќе донесе атрактивна програма за македонската публика, информираат организаторите.

Најавено е учество на „Џоломарите“ од село Манастирец, Росоман, „Бамбурци“ од беровското село Ратево, „Кулери“ од село Пиперки Чифлик, Ќустендил, Република Бугарија и огнено и светлечко шоу „Паљачи“ за комплетна забава на публиката.

Со концертот на популарната македонска музичка дива Каролина Гочева, албумот „Македонско девојче“ и настап на Никола Мицевски, на 23 март ќе се организира и свечено отворање на манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата“.

Во неделата, на 24 март 2024 година, со традиционалната манифестација „Невестинско поклонение на свети Теодор Тирон“, уникатна манифестација што ја негува традицијата од кривопаланечкиот крај и село Конопница, се заокружува мартовската програма.

Организаторите: Општина Крива Паланка, Национална установа Центар за култура и Локална установа Градски музеј Крива Паланка ја покануваат публиката од државата и регионот да бидат гости на градот и да уживаат во богатата и разновидна програма за сите генерации, со која, Крива Паланка како град на културата нуди култура за сите.
Во реализација на целокупната програма, организаторите иницираат и мисија за купување на концертен клавир за градот на културата, што ќе се реализира со издвојување средства од продажба на билетите од настаните. ид/мд/
 

 

Остани поврзан