• петок, 22 ноември 2024

Манева-Чупоска за МИА: Приоритет е ДЛУМ финансиски да закрепне, да се покаже слух кон ликовните уметници

Манева-Чупоска за МИА: Приоритет е ДЛУМ финансиски да закрепне, да се покаже слух кон ликовните уметници

Скопје, 13 август 2022 (МИА) - Приоритет во моментов е финансиски да закрепнеме и искрено се надевам на сериозно освестување од надлежните дека проблемите на ова Друштво мора да се решат. Државата треба да покаже слух кон ликовните уметници, вели новата претседателката на Друштвото на ликовни уметници проф. д-р Јана Манева-Чупоска во интервју за МИА. Манева-Чупоска, која ќе раководи со ДЛУМ во следните четири години, посочува дека нејзината визија е ДЛУМ да застане на пиедесталот, односно, како што вели, онаму каде што реално припаѓа, а тоа е на врвот на уметничките случувања. Манева-Чупоска беше избрана за претседателка на годинашното вонредното Собрание на ДЛУМ. Претходниот претседател беше ликовниот уметник Филип Фидановски. Таа потенцира дека ДЛУМ се наоѓа во сериозна финансиска криза и според неа, потребна е поддршка од државата. Едно од решенијата, според Манева-Чупоска, е формирање на еден вид јавно-приватно партнерство. Во таа насока, таа во септември најавува работна средба со тимот од правници и со министерката за култура за сериозно да се разговара околу концептот јавно-приватно партнерство. Како редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот факултет во Скопје, Манева-Чупоска испраќа порака до сите млади уметници да не се откажуваат од својот ликовен идентитет. -Им порачувам на младите ликовни уметници да се зачленат во Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Младите ументици носат свој ликовен белег и свој идентитет и со своја работа ќе го сменат ликовниот имиџ на ДЛУМ. ДЛУМ не е апстракција и не е минато, туку релност. Тука има ликовни уметници со сериозни кураторски идеи, задачи и концепти, додава Манева-Чупоска. Во интервју за МИА, таа ја најавува и нејзината ретроспективна изложба во ноември годинава во Национална галерија. Куратор ќе биде Маја Чанкуловска. Во продолжение следува целото интервју со претседателката на Друштвото на ликовни уметници проф. д-р Јана Манева-Чупоска, Од неодамна сте избрани за нов претседател на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), со мандат од четири години. Во каква состојба го презедовте Друштвото и кои се вашите главни почетни активности како нова претседателка? - Друштвото на ликовни уметници на Македонија годинава организираше вонредно Собрание, каде јас како единствен кандидат се пријавив на јавниот конкурс објавен од ДЛУМ. Вонредното Собрание беше свикано по повод несогласувањето со претходниот претседател на ДЛУМ, Филип Фидановски, односно поради постоење основи за користење на службени пари за приватна цел. Јас се пријавив и покрај тоа што податоците кои колегите ги презентираа на Собранието на ДЛУМ укажуваа дека финансиската ситуација ќе биде тешка и дека всушност ќе имаме многу големи предизвици. Но, сметам дека ДЛУМ не треба да го оставиме на милост и немилост поради нечие несовесно работење. Треба да се обидеме сите заедно да ги решиме проблемите, и јас како претседателка но со поддршка од колегите кои гласаа за мене, како и од Управниот одбор и Уметничкиот совет што ќе се менува во март, бидејќи ова вонредно Собрание се однесуваше само за промена на претседател. Која е вашата визија за работата и иднината на ДЛУМ во следните четири години, кои се приоритетите? - Моја визија е ДЛУМ повторно да застане на пиедесталот, каде што реално припаѓа, а тоа е на врвот на случувањата на ументичките концепти и уметничките изложби, бидејќи се работи за едно многу значајно Здружение на ликовни уметници кое во државата постои 75 години. Финансиите се најголемиот проблем во моментов во ДЛУМ и без доволно финансиски средства тешко ќе може да реализираме каква било посериозна изложба или пак да повикаме гости од странство, куратори или ументици. Сето тоа чини пари и затоа главниот фокус во овој првичен период ќе бидат токму финансиите, со надеж дека сите заедно, со сите членови и работни тела на Друштвото ќе успееме да ги решиме финансиите кои се од судбоносно значење за неговото постоење. Имаме целосни права и аргумент да бараме поддршка од државата во однос на финансирање и во однос на формирање еден вид јавно-приватно партнерство. Еден од проблемите со кои се соочува ДЛУМ е недостиг на соодветен простор за работа, со оглед на тоа што сега престојувате во Домот на АРМ. Верувате ли дека ќе се реши наскоро овој проблем? - Да, еден од посериозните проблеми е немањето на соодветен простор на ДЛУМ. Како член на Друштвото од 1996 година сведок сум на тоа дека сите претходни управни тела и претседатели се обидувале ова прашања да го решат, но навистина било многу тешко, исто како и сега. Секако дека и за ова прашање ние бараме помош од државата, поточно од актуелните министрии за култура и за финансии, а ќе побараме помош и од претстедателот на државата. Сите тие велат дека имаат добра намера да му помогнат на Друштвото, но тоа треба да го покажат на дело, а не само на хартија, со убави зборови и со празни ветувања. Повеќе од непристојно е една држава да има толку значајно Здружение од 75 години постоење, со толкава културна и ликовна меморија од генерации и генерации наназад, а да нема соодветна галерија, да нема соодветен простор. Сакам да се надевам дека ќе успееме да најдеме достоинствен простор за ДЛУМ. Првенствено ни треба галериски простор, каде што ќе имаме можност да организираме и да креираме уметнички концепти. Исто така, во тој галериски простор треба да имаме и административен простор, односно луѓе вработени да помагаат во ДЛУМ, исто како што повеќето здруженија имаат свои технички лица задолжени за нивно функционирање. Од своето постоење, ДЛУМ престојуваше на различни места, од прекрасни до крајно недостоинствени. Започнувајќи од просториите на Кале, потоа вселување во одличните простории на кејот на Вардар, каде што тука ДЛУМ наследи некоректен долг од Градскиот Трговски Центар. Ние се уште имаме огромен долг кој нема можност да го вратиме, така што навистина е многу комплицирана состојбата, но верувам дека сето тоа ќе се реши. На последниот состанок со Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), на кој присуствуваше и министерката за култура, потенциравте дека Друштвото треба да влезе под капата на Министерството, а причина е неповолната финансиска состојба во која се наоѓа. Очекувате ли одреден „фидбек“ од државата за решавање на проблемите? - Јас заедно со моите колеги од Правниот одбор и Уметничкиот совет дојдовме до идеја да организираме средба со ДПМ и СОКОМ на која ќе ја повикаме и министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска. Целта беше да разговараме за актуелните прашања, да видиме како функционираат здруженија од сличен карактер како што е ДЛУМ, да се сослушаме едни со други и да размениме искуства. Оваа средба вроди со плод затоа што потпишавме и Меморадум за соработка. Министерката за култура на состанокот ни вети дека ќе ни помогне да најдеме решение за просторот на ДЛУМ. Јас се надевам дека и овој пат нема да стане збор само за политички памфлети, затоа што не е првпат Друштвото да ги добива само наративите „не се секирајте, се ќе биде во ред“, „ќе го решиме ова“. Искрено се надевам дека некој ќе смогне сили како министер да го реши нашиот проблем и да ни помогне, затоа што не ни помага само на нас како име и презиме, како претседател или како член, туку помага на културната меморија на Македонија за зачувување на ова Друштво. Воопшто не сакам да верувам дека е тешко или комплицирано да се изнајде соодветен простор за ДЛУМ.  Сведоци сме колкави пари одат на крајно погршени места, а се штеди на нешто што треба да остане како сведок и на минатото, на сегашноста и на иднината. ДЛУМ мора да остане како сериозно здружение кое што и во иднина ќе ги гради современите ликовни концепти. Има ли најава за повторна средба со министерката за култура? - Да, ние веќе за во септември најавуваме средба со министерка за култура, а ќе се обидеме да закажеме средби со владините претставници и со сите релевантни институции кои веруваме дека можат да ни помогнат. За септември сме договорени да направиме работна средба со тимот од правници и со министерката за култура за сериозно да се размисли околу концептот за јавно-приватно партнерство. Такви примери постојат, не е ДЛУМ единствен којшто има ваков став во однос на јавно-приватно партнерство со Министертсвото за култура. Се надеваме дека Министерството ќе го прифати овој концепт. Секако дека ваквиот концепт ќе биде дел од анализа и од страна на нивните правници, но и од нашите адвокати кои ги имаме како Друштво, за да се најде една средина, односно еден коректен формат, преку кој ќе го решиме проблемот и со просторот и со финансиите. На состанокот меѓудругото потпишавте и Меморандум за соработка со ДПМ и СОКОМ. Што предвидува Меморандумот? - Меморандумот што го потпишавме со Друштвото на писателите на Македонија и на Сојузот на композиторите е еден одличен чекор за соработка во креирање на заеднички проекти, симпозиуми и гости каде преку интердисциплинарна форма ќе можеме да креираме интересни проекти, кои досега ги немало во Друштвото. Сметам дека сме многу слични како Здружение, бидејќи сме уметници и апсолутно имаме многу заеднички појдовни точки. Друштвото на писатели на Македонија и Сојузот на композитори веднаш ја прифатија нашата покана. Во иднина планираме да оствариме средба и со други здруженија а со една единствена цел, да се обединиме, да креираме културни политики од областа на уметноста, проекти, а доколку заеднички побараме помош за истите проблеми, ќе бидеме посериозно разберени и ќе ни се помогне. Освен што сте претседателка на ДЛУМ, работите и како редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот факултет во Скопје. Според вас, имаме ли млади надежни уметници во државата и како ги мотивирате студентите да се надоградуваат во ова поле? - Да, јас 18 години сум редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот факултет во Скопје. Од тој факултет излегле многу генерации кои денес се успешни и одлично го продолжуваат стекнатото знаење. Докажавме дека Факултетот си ја знае својата работа. Имаме студенти кои денес се големи професионалци и работат во својата област, во делот на моден дизајн, графички дизајн или внатрешното уредување. На младите можам да им порачам да не се откажуваат од дизајнот, бидејќи дизајнот е многу актуелен денес. Дизајнот се ноаѓа на местото веднаш после информатички науки и медицина, како професија со најголема можност за вработување и сметам дека е потребен и како начин на живеење. Се радувам што на овој Факултет има студенти кои сакаат да научат и уште сега имаат визија дали ќе останат во државата и што ќе работат доколку останат, или пак би заминале во друга држава. Едноставно, младите денес знаат што сакаат, сигурни се во своите надежи и желби и генерално не прават отстапка од она за што сметаат дека треба да го направат. Мислам дека тоа е одлична карактеристика и дека на тој начин треба да се функционира во сите сфери - да немаат попустливост за работи за кои сметаат дека професионално добро ги завршиле. Ваша порака до сите млади луѓе кои имаат желба да се занимаваат со ликовната уметност. - Мојата порака до младите ликовни уметници е пред сè, да се зачленат во Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Ги поканувам да дојдат во сегашните простории на ДЛУМ, во Домот на АРМ, или да испратат свое CV. Многу често слушам дека ДЛУМ е застарено здружение во кое нема доволно квалитетни ликовни уметници и дека можеби е добро да не постои. Ваквите изјави се погубни не само за ДЛУМ, туку воопшто за државата. За квалитетот на ликовните уметници во ДЛУМ може да говориме доколку имаме соработка со сите релевантни здруженија, музеи, историчари на уметност. Тие доколку увидат одреден проблем во ДЛУМ, истиот треба да го посочат добронамерно и да ни дадат нивни идеи и размисли што е тоа што треба да се корегира. Младите ументици носат свој ликовен белег и свој идентитет. Идејата на Здружението е да обединува различни концепти и сите се добредојдени. Отворена е вратата на ДЛУМ за младите, за подобрување на нештата во генерална смисла. Мојата порака до младите е да не се откажуваат од својот ликовен идентитет. Процесот на творештво е индивидуално, меѓутоа преку Здружение ликовните уемтници можат да си ги бараат своите права. Здружението, впрочем затоа е и основано - да се грижи за ликовните концепти, да креираме заеднички ликовни и културни политики. Колку државата издвојува простор за младите, но и генерално за сите уметници? Потребна ли е поголема финансиска поддршка? - Што се однесува до буџетот и финансии во нашата земја, мислам дека културата секогаш била на последното место. За културата се издвојуваат најмалку средства, и според мене тоа е крајно погрешна политика. Еве и денес сме сведоци дека имаме скратен буџет, а веројатно една од причините е што вработените треба да земат плата во Министерството за култура. Верувам дека и вработените во Министерството имаат мали плати и заслужуваат многу повеќе, но не е добро кога луѓето од културата ќе ги спротивставите едни со други. Културата заслужува да има ист третман со образованието, здравството, економијата. Ние ги чувствуваме последиците и од постојаното менување на министрите за култура. Министрите за култура се тука пред се за нас и тие мора да работат во интерес на културните работници. Позицијата министер не е ништо друго освен слуга на луѓе кои работат чесно во културата. Кога така ќе ги разбереме министрите, ќе имаме прогрес во државата. Се додека мислиме дека ние постоиме за нив, за нивната кариера, нема да имаме напредок во општеството. Пандемијата претставуваше еден вид предизвик за културните работници. На кој начин се смени вашето професионално секојдневие? - Пандемијата си го направи своето. Направи големи промени, како негативни така и позитивни. Негативните страни се психолошкиот стрес и фактот дека голем број луѓе починаа. Се случи еден комплетен пресврт во начинот на функционирање на нашите животи. И во однос на професионалниот план се наметнаа нови поинакви методи на функционирање. Се нагласи пристапот на одржување онлајн концепти, предавања и состаноци, што сметам дека е добро. Во првата година од пандемијата, јас имав изложба во Украина, на која не бев присутна. За мене тоа беше прво искуство да пратам изложба надвор од границите на државата без јас да бидам присутна. Но, за среќа, се помина беспрекорно добро. Имавме онлајн отворање на изложбата, и колегите од Украина се потрудија изложбата да биде претставена и во нивните медиуми. Се надевам дека како цивилизација ќе успееме да извлечеме поука од сè она што се случува со пандемијата. Мислам дека ние луѓето сме си потребни едни на други и мораме да имаме поголема обединетост. Да имаме повеќе согласувања отколку несогласувања, да се обидеме професионално да дадеме максимален импакт во нашето општество, бидејќи само на тој начин ќе можеме да функционираме на високо професионално ниво. Бисера Трајковска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан