• недела, 22 декември 2024

„Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“ од Бранислав Светозаревиќ Покорни преведена на англиски јазик

„Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“ од Бранислав Светозаревиќ Покорни преведена на англиски јазик

Тетово, 9 септември 2023 (МИА) - Книгата „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“ (документи и анализи) од тетовскиот историчар и публицист Бранислав Светозаревиќ-Покорни од почетокот на овој месец веќе е достапна и на англиски јазик.

Овој научен труд, издаден во 2021 година е комбинација на извори и анализи е создадена врз база на над 1000 документи и сведоштва од 32 постоечки и непостоечки држави од сите меридијани и на тој начин претставува неизбришлива трага за македонското постоење.

-Книгата на англиски јазик излезе од печат на почетокот на септември и веќе постои интерес за неа и во Македонија и во странство. Книгата се продава во книжарниците во Македонија, но покрај домашните читатели, заинтересирани се за неа и странските гости, коишто забележале дека во нашата држава недостасува литература за Македонија на странски јазици, информира Бранислав Светозаревиќ-Покорни.

Воедно во текот на годинава периодично авторот и соработниците продолжуваат со промоција на книгата и во други држави. Неделава Светозаревиќ-Покорни гостуваше на ТВ Херцег Нови.

-На повик на НВО Порјекло од Црна Гора и нејзиниот претседател Небојша Драшковиќ, остварив настап на регионалната телевизија Херцег Нови во која ја запознав тамошната публика со сознанијата во мојата најнова книга „Македонци, милениумски сведоштва за идентитетското име.“ Преку Драшковиќ добивме и нови сведоштва за Македонците во Црна Гора од 1878 година и остваривме корисни средби. Договорена е и промоција на книгата во Подгорица во октомври, оваа година, информираше Бранислав Светозаревиќ-Покорни.

Во текот на септември продолжува со втората европска турнеја за нови средби и промоции во Белгија, Франција и Италија. Во октомври има покана за повеќе градови и во Хрватска.

Досега во текот на годината, Светозаревиќ имаше промоции во повеќе држави. Во април имаше прва промотивна турнеја почнувајќи од Швајцарија во Триенген, Германија во Карлсруе и Италија во Пјаченца, како и средба со некогашната европратеничка од Хрватска Маријана Петир во Загреб. Промоцијата имаше и во местата население со Македонци во Албанија.

Авторот е роден 1966 година, а научно истражувачката дејност ја врши во областите на историјата, архивистиката, музеологијата и културата. ас/ир

 

Фото: Бранислав Светозаревиќ 

фото Бранислав Светозаревиќ

Остани поврзан