• сабота, 06 декември 2025

Македонско научно друштво-Битола слави 65 години постоење

Македонско научно друштво-Битола слави 65 години постоење

Битола, 23 април 2025 (МИА) - Македонското научно друштво (МНД)-Битола слави 65 години и со програмски активности потсетува на групата битолски интелектуалци кои на 25 април 1960 година го формираа најстарото Друштво во земјава.

Македонско научно друштво-Битола денес претставува пример за пристапот кон научната мисла, место кое ги вмрежува науките и уметностите, поединците и институциите чија цел е афирмација на културните вредности во градот, државата и во странство, истакна на прес-конференција во Битола, професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, претседателка на МНД-Битола.

-Во чест на јубилејот, оваа година ќе бидат организирани 65 настани кои почнуваат со ликовна изложба, историски час и свечена академија. Вечер во Музеј и галерија „Ранко Струмениковски“-Битола ќе биде отворена изложба на ликовни дела од членови на МНД и тоа Стојан Апчевски, Милица Василева, Димитар Димитровски Такец, Ставре Стадим Димитров, Илија Кочовски, Димитар Кочевски Мичо, Павле Кузмановски, Јордан Манасијески, Ранко Струмениковски, Симеон Силјановски, Панде Петровски, Борислав Траиковски. Утре во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ ќе биде одржан историски час на кој ќе бидат истакнати основните историски податоци за настанувањето на Друштвото, како и неговиот развој низ годините. Локацијата за одржувањето на историскиот час не е случајно избрана бидејќи во тие простории, во некогашниот Државен околиски архив Битола, на 25 април 1960 година било формирано Друштвото за наука и уметност (претходник на МНД), а УКЛО ќе биде формиран на истиот датум во истите простории 19 години подоцна во 1979 година. Токму заради тоа и МНД и УКЛО на ист датум го слават својот роденден, истакна Андоновска-Трајковска.

Свечената академија посветена на јубилејната прослава ќе се одржи утревечер во салата на Битолскиот театар каде ќе бидат доделени признанија и благодарници на највозрасните членови на Друштвото, но и на соработниците кои МНД ги имало низ годините.

-Централен дел на академијата е промоцијата на документарниот филм „МНД – 65 години наука, уметност и култура“ кој ја раскажува историјата на Друштвото преку личните искуства на дел од челниците, но и на други активни членови кои се вградувале себеси во насока на развој на Друштвото, посочи Андоновска-Трајковска.

На прес-конференцијата во Битола од МНД потсетија на досега организираните и идни активности на Друштвото во јубилејната година. мт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан