• понеделник, 23 декември 2024

Македониум: 70 години од раѓањето на големиот македонски патриот Спасе Мазенковски

Македониум: 70 години од раѓањето на големиот македонски патриот Спасе Мазенковски

Пустец , 3 септември 2023 (МИА) - Македонскиот весник "Македониум" пренесува текст по повод 70-годишнината од раѓањето на големиот македонски патриот Спасе Мазенковски.

Мазенковски кој почина пред пет години,  беше новинар, писател, публицист, афирматор на македонската култура и историја во Албанија и активист за правата на Македонците во Албанија.

Целиот свој живот, наведува весникот,  го посвети на афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен и верски идентитет и за унапредување на положбата и правата на Македонците во Република Албанија.

- Спасе направи многу за правата на македонската заедница во Албанија. Не напушти прерано пред пет години, во времето кога можеше да даде уште повеќе за творештвото на Македонците во Албанија. Ни останува нам да го чествуваме и вреднуваме неговото дело и да ги учиме младите поколенија како се сака и работи за својот народ, вели за весникот Васил Стерјовски, лидер на македонската партија, МАЕИ.

Објавено е и видео од 2007 година од активноста по повод Денот на книгата која се оддржала во основното училиште "Отпорот на Горичаните", во Долна Горица, Општина Пустец кога Спасе Мазенковски добил награда од  Друштвото на писателите на Албанија, друштво Корча.

Целиот свој живот го мина и твореше во неговото родно село Леска.

-Беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, основач и главен уредник на весникот “Преспа”, основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година, посочува Стерјовски.

На македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги, раскази и репортажи “Преспа моја”, “Разбојна китка”, “Торбулето на татко ми”, “Преспанска убавица”, “Лабид и Преспана”, “Рѓосани бисери”, “Историја на македонскиот народ во Албанија”, која е објавена и на албански јазик.

Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писателите на Албанија. вт/вг/


Фото: Весник Македониум

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан