• сабота, 23 ноември 2024

Локвенец: Изградбата на железнички пруги значи изградба на историја 

Локвенец: Изградбата на железнички пруги значи изградба на историја 
Неготино, 9 април 2022 (МИА) - Изградбата на железнички пруги значи изградба на историја, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“, Хари Локвенец на прес-конференција по повод одбележувањето на 149 години од постоењето на македонски железници, одржана на мостот пред железничката станица во Неготино. Локвенец потсети дека на 9 април, далечната 1873 година, првиот воз влечен од парна локомотива пристигнал во железничката станица во Велес и тогаш почнало поврзувањето на Македонија со остатокот од светот. - Затоа,  дозволете да им се заблагодарам и на сите ветерани и сегашни вработени и да им го честитам 9 април - Денот на македонските железничари. Со посветена работа и истрајност,  ќе ги надминеме сите предизвици. Наредната година ќе го одбележиме нашиот голем 150 годишен јубилеј  со реализација на значајни проекти, зошто ние не ветуваме напразно, туку и реализираме, додаде тој. Локвенец се осврна и на приоритетите на македонски „Железници“. - Наш приоритет број еден е изградбата на Коридорот 8 на источниот и западниот дел со што граѓаните и стопанството ќе имаат железнички пристап од Црното и Јадранското Море. Истото дополнително ја засилува оправданоста и придобивките на овој проект како за Република Северна Македонија, така и за регионот во целина. За неколку недели го потпишуваме договорот со новиот изведувач, по што почнува градбата на железницата кон Бугарија, по чијашто реализација, двата народи и двете држави ќе имаат огромен број  просперитетни можности за меѓусебна соработка. Со ова започнуваме со реализација и остварување на тридецениската желба и потреба  на граѓаните, информираше директорот. Тој рече дека оваа година Денот на железничарите го одбележуваат во работна атмосфера, потенцирајќи дека и денеска се испитува носивоста на железничките мостови со статичко и динамичко оптоварување и се прават најсовремени испитувања во соработка со професори од градежните факултети во Скопје и Љубљана, а со цел зголемување на сигурноста во железничкиот сообраќај. - Мостот на кој се наоѓаме е пред железничката станица во Неготино. Токму затоа и оваа прес-конференција ја одржуваме на оваа локација, за да покажеме и докажеме дека безбедноста на нашите граѓани за нас е најважна. Овој  наш  празник го одбележуваме со јасно потврдениот интерес, за вредноста и перспективите на железничкиот сообраќај и за огромните придобивки кои лежат во потенцијалите на вкрстувањето на Коридорот 8 со Коридор 10, нагласи Локвенец. Тој најави и дека наредната година ќе биде отворен Музеј на македонските железници. - Ќе се отвори првиот Музеј на македонски железници, со цел достоинствено одбележување на Јубилејот 150-годишното постоење на македонски железници и основање на првиот историско-технички музеј во нашата држава, кој ќе функционира како составен дел на Јавното Претпријатие и вечно ќе сведочи за 150-годишната македонска железничарска историја, откри тој, честитајќи го празникот и како внук на железничар. свд/сп/

Остани поврзан