Локалитетот „Табакана“ во Куманово ќе се расчистува, без изградба на нови згради
- Општина Куманово планира партерно уредување, паркинг и зеленило, најави на последната прес-конференција градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Тој ги отфрли шпекулациите дека на локалитетот Табакана се планира изградба на нов станбено-деловен комплек
Куманово, 10 март 2026 (МИА) - Локалитетот „Табакана“ во Куманово ќе се расчистува и уредува, но на него нема да се градат нови станбено-деловни објекти, најави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
На прес-конференција Димитриевски ги отфрли шпекулациите дека на оваа локација се планира изградба на нов станбено-деловен комплекс. Тој појасни дека деталниот урбанистички план кој предвидувал таква можност бил донесен во период пред тој да ја преземе функцијата градоначалник, но актуелната локална власт нема намера да реализира нови градби на оваа локација.
-Првин сакам да ги отфрлам сите шпекулации што се однесуваат на локалитетот „Табакана“. Донесен е ДУП во минатото, пред да бидам градоначалник, со кој на таа локација имало можност за изградба на станбено-деловен комплекс. Додека јас сум градоначалник, такво нешто нема да се случи- изјави Димитриевски.
Во моментов, како што посочи тој, во тек е расчистување на просторот. Сопствениците на објекти од времен карактер веќе добиле решенија за нивно отстранување.
-Сите сопственици на тие објекти од времен карактер добија решенија со кои мораат да ги дислоцираат. Во спротивно, општината ќе ги дислоцира, а трошоците ќе бидат наплатени од сопствениците- нагласи Димитриевски.
Наместо нови згради, општината планира просторот да се уреди партерно и да се стави во функција на граѓаните.
-На тој простор планираме партерно уредување, да го зголемиме просторот за можност за паркирање на возила, бидејќи знаете дека тука претходно се изградија неколку згради кои имаат многу мал паркинг простор. Дополнително ќе се остави можност за озеленување и изградба на едно детско катче- изјави Димитриевски.

Градоначалникот информира дека слични активности ќе се спроведуваат и на други локации во градот каде што има објекти од времен карактер.
-По примерот на поранешното хемиско чистење во близина на улица Ленинова, ќе настапиме со извршување и на други објекти. Целта е да го ослободиме градот од вакви времени објекти и просторите што се сопственост на Општина Куманово да ги ставиме во функција на граѓаните, за паркирање и за подобро уредување на градот, без никаков тип на изградба на нови згради- рече Димитриевски.
Со ваквиот пристап, локалната самоуправа настојува да обезбеди повеќе јавен простор, особено во деловите од градот каде што урбанизацијата во изминатите години доведе до недостиг на паркинг и зелени површини. Расчистувањето на времените објекти и нивната замена со уредени јавни површини, според општината, треба да придонесе за подобрување на урбаната функционалност и квалитетот на живот во Куманово. ам/дма/
Фото : МИА