• петок, 22 ноември 2024

Лога - Јан Коп: Холандија ги поддржува реформите во правосудството

Лога - Јан Коп: Холандија ги поддржува реформите во правосудството

Скопје, 13 март 2023 (МИА) - Финализирањето на изработката на новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор 2023-2027, подготовката на новиот Кривичен законик, скринингот, како и зајакнување на капацитетите за водење на преговорите во Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права”, беа главни теми на денешната средба на министерот за правда Кренар Лога со холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.

Како што информираат од Министерството за правда, Лога му се заблагодари на амбасадорот Јан Коп за интензивната соработка и посветеноста на европската реформска агенда, како и помошта која е дадена преку проектите кои се финансирани од Холандија, а се однесуваат на квалитетот и отчетноста на македонскиот правосуден систем, зајакнување на отчетноста, ефикасноста и транспарентноста на Судскиот совет, поддршка на Академијата на судии и јавни обвинители, владеење на правото, слободата на медиумите, заштитните мерки против корупцијата.   

Холандскиот амбасадор, како што е наведено во соопштението, изрази интерес за иницијативата за подготовка на нов Изборен законик.

- Министерот Лога информираше дека работната група не може да отпочне со работа поради фактот што ВМРО-ДПМНЕ не предлага свој член и покрај неколкуте барања за номинација на нивен претставник, се посочува во соопштението.

Во однос на најавата за отпочнување  на ветингот, министерот Лога нагласил дека овој процес не може да се реализира ако нема поддршка од САД и ЕУ.

- Амбасадорот Јан Коп му посака на Лога успех во извршувањето на функцијата министер и порача дека Холандија и во иднина ќе реализира проекти во областа на правосудството давајќи поддршка на затворскиот систем, Јавното обвинителство, Судскиот совет, како и поголема примена на медијацијата во нашата земја, се наведува во соопштението од Министерството за правда. дма/сп/

Фото: Министерство за правда

 

Остани поврзан