• сабота, 18 мај 2024

Лицата со попреченост имаат еднакви права и можности за политичко учество

Лицата со попреченост имаат еднакви права и можности за политичко учество

Струмица, 18 октомври 2023 (МИА) - Лицата со попреченост имаат еднакви права и можности за политичко учество и затоа треба да се подигнува свеста на локалните политички партии и претставниците на Советите на општините. Овој заклучок произлезе од денешната панел дискусија на тема „Политичко учество на лицата со попреченост“ во организација на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „ИНКЛУЗИВА“, а со поддршка на општина Струмица.

Според Танкица Митрева, член на Советот на општина Струмица, нема лица со попреченост кои биле на листите и се избрани за членови на Советот.

-Политичката партија на која и припаѓам СДСМ, на последните парламентарни избори излезе со листа за изборната единица број 4, на која беше застапено и лице со попреченост од Струмица, односно лице кое се движи со помош на инвалидска количка. Малку недостасуваше тоа лице да стане пратеник во највисокиот законодавен дом во државата. Но ако се симнеме на локално ниво, тогаш мора да се признае дека не постои лице со попреченост кое директно учествува во практицирањето на локалните политики, не само од партијата на власт, туку и од опозицијата, рече Митрева.

Сепак, според неа, тоа не значи дека таквите лица индиректно не се вклучени во креирањето на политики, особено кога се работи за остварување на нивните потреби, барања и интереси.

-Во поглед на таквата алтернативна политичка инклузивност, а во поглед на достигнувањата во унапредувањето на секојдневието на лицата со попреченост, одговорно тврдам дека општина Струмица, не само што е пионер на тој план, туку претставува вистински лидер, но и урнек за сите други македонски општини. Сето тоа го постигнавме преку разни форми на дејствување и соработка со лицата со попреченост, додаде Митрева.

Според Благица Димитровска од „ИНКЛУЗИВА“, лицата со попреченост имаат право на глас, право на избор и да бидат избрани, но сепак мала е застапеноста на оваа категорија на граѓани во политиката.

-Во однос на учеството во политичкиот живот, односно како членови на политички партии, направивме истражување со Националниот демократски институт (НДИ) за инклузивноста на шест политички партии и што е најважно објектите се недостапни за да може едно лице со попреченост да се активира во политичкиот живот и треба адаптација на просторот во политчките партии. Сепак, бележиме мал напредок, бидејќи на последните локални избори имавме девет лица со попреченост на листите од кадешто имаме и претседател на Совет, рече Димитровска.

Посочи дека е подготвена иницијатива заедно со Институтот за човекови права за квотна застапеност на лицата со попреченост на листи за советници и пратеници и дека побарале измени за законот за финансирање на политичките партии, односно партијата која ќе има три лица на листите да добие дополнителни средства кои ќе ги користи наменски за подобрување на пристапноста, но и на нивните активности партиите да користат и знаковен јазик. рт/ев/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан