• петок, 22 ноември 2024

Литванија ја заврши оградата на границата со Белорусија

Литванија ја заврши оградата на границата со Белорусија

Вилнус, 30 август 2022 (МИА) - Литванија соопшти дека ја завршила изградбата на оградата долж границата со Белорусија за борба против илегалната миграција, за која Западот вели дека е поттикната од Минск.

Илегалната миграција се зголеми оваа година во Литванија, членка на ЕУ, на околу 4.200 мигранти, главно од Блискиот Исток и Африка, кои ја преминале границата од соседна Белорусија.
Бариерата, висока четири метри и направена од бодликава жица, се протега на околу 550 километри од границата меѓу двете земји. Литванската премиерка Ингрида Симоните најави завршување на проектот и рече дека е „технички невозможно“ да се подигнат физички бариери долж целата граница, која минува преку езера, реки и мочуришта. Симоните рече дека нејзината влада ќе продолжи со својата политика и ќе ја испита можноста за нејзино спроведување без воведување вонредна состојба. Но, таа призна дека тоа ќе биде предизвик во однос на меѓународното право, велејќи дека нејзината земја има „многу работа“.
Во саботата литванските граничари одбија влез на 125 мигранти, што е најголем број од почетокот на годината.
Полицијата ги обвини белоруските колеги дека им помагале на мигрантите илегално да влезат во Литванија и дека ја оштетиле новата ограда.
Голем број мигранти претежно од Блискиот Исток минатата зима предизвикаа тензичен судир меѓу Полска и Белорусија. Подоцна Полска изгради челичен ѕид долж границата со Белорусија за да ги држи мигрантите надвор. паг/
   

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан