• петок, 14 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Лидерот на грчка десничарско-националистичка партија бара Маск да биде поканет да се обрати во Парламентот

Лидерот на грчка десничарско-националистичка партија бара Маск да биде поканет да се обрати во Парламентот

Атина, 10 јануари 2025 (МИА) – Преку писмо до претседателот на грчкиот Парламент, кое е упатено и до премиерот на Грција, до претседателите на политичките партии, до пратениците, но и до самиот Илон Маск, лидерот на десничарско-националистичка партија Грчко решение Кирјакос Велопулос, бара американскиот бизнисмен Маск да биде поканет да одржи говор во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Лидерот на партијата, која според последните истражувања на јавното мислење со околу осум отсто е четврта политичка сила во Грција, во писмото вели дека „бизнисменот, кој се очекува да заземе висока позиција во новата Влада на САД, според мислењето на Грчко Решение, ги предводи глобалните напори за слобода на говор, изразување и слободно ширење на идеи, елементи кои ја сочинуваат суштината на демократијата“.

- Сметаме дека е национално корисна, ако не и императив, поканата за господинот Илон Маск да се обрати пред грчкиот Парламент, за да може Грција, како лулка на демократијата, меѓународно да пренесе дека останува нејзин главен чувар. Дополнително, фактот што господинот Илон Маск има класично образование, има изразено ставови во корист на Грција и грчката историја во многу од неговите јавни изјави, а исто така го осуди демографскиот проблем што ја погодува нашата татковина, нашиот предлог го прави морално императивен и национално корисен, без какво било сомневање, пишува во писмото.

Велопулос на средината на мај минатата година од собраниската говорница го искина Договорот од Преспа, упатувајќи остри критики до актуелната грчка Влада. 

Грчко решение на изборите во 2023 година беше на шестата позиција со освоени 4,44 отсто од гласовите и доби 12 пратенички места, сега има 11 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и меѓу осум и девет проценти и е на четврто место, зад Нова демократија, ПАСОК и Комунистичката партија. ср/сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан