Левица: Имотот на новиот премиер најдобро зборува во чија корист ќе владее Владата
- СООПШТЕНИЕ - Премиерот Мицкоски е оттуѓен од проблемите на обичниот Македонец, кој секојдневно преживува додека неговите владари се луксузираат.
Скопје, 28 јуни 2024
Премиерот Мицкоски е оттуѓен од проблемите на обичниот Македонец, кој секојдневно преживува додека неговите владари се луксузираат. Тоа го покажува имотот што го пријавил како личен во Анкетниот лист, според кој, доколку се погледне, веднаш може да се забележи дека новиот премиер, Христијан Мицкоски, е сосема друга, непозната класа од онаа на која припаѓа огромниот дел македонски граѓани - сиромашната.
Премиерот Мицкоски поседува куќа во Влае, купена за 26,8 милиони денари (450 илјади евра) - имот кој го стекнал со купопродажен договор во 2014 година, кога бил професор на Машинскиот факултет во Скопје.
Пријавил и девизен влог во евра, но без инос?! А дополнително, во Анкетниот лист има пријавено и два часовника со вкупна вредност од над 60 илјади евра, како и уметничка слика, што ја купил дури 10 илјади евра.
Според ова, и не е изненадувачки што во тазе-усвоената Програма за работа на Владата за 2024 - 2028 год. нема мерки со кои ќе се заузда капиталот и ќе се оданочат луксузите во кои „се дават“ македонските богаташи додека народот не може да подмири основни трошоци за живот. Напротив, во оваа програма на новата Влада дури и се предвидува олеснување и ослободување од даноците за богатите, за што теретот за трошокот на државниот апарат повторно паѓа на рамото на работниците.
Со Програмата на новата Влада на чело со премиерот Мицкоски, извесно е дека државата нема да биде ништо повеќе од извршен одбор на владеачката класа. Нивното мнозинство во Собранието само ќе ја преточува волјата на владеачката класа во закон, со што формалноста „еднаквост пред Уставот и законите“ останува само параван зад кој се кријат реалните и огромни класни разлики и нееднаквости меѓу луѓето.
Тоа што избраните и именувани лица како функционери имаат обврска да пријават имотна состојба, која потоа Државната комисија за спречување на корупција ја публикува јавно, до некаде и ни открива кој и во чија корист, навистина, владее со нас, па дури и ни дава потврда за социјалистичката максима дека историјата е борба на две класи - богати наспроти сиромашни!
Сето ова е уште еден показател дека насушно е потребно да се воведе нов олигархиски данок на луксуз за енормно скапите т.н. луксузни добра, кои ги поседуваат и со кои се китат богатите. А токму ваков данок е предвиден во Изборната програма на Левица.
ПП Левица
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.