• недела, 22 декември 2024

ЛДП со реакција на изјавата на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски

ЛДП со реакција на изјавата на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски

Скопје, 16 септември 2024


ЛДП реагираше на изјавите на Орце Ѓорѓиевски во врска со можноста за отповикување на градоначалници, нагласувајќи дека оваа иницијатива не е нова, туку е дел од нивните заложби кои претходно не биле поддржани ниту јавно ниту во Собранието.

ЛДП ја истакна потребата за воспоставување на механизам за отповикување на градоначалници преку референдум, со цел поголема отчетност и одговорност на локалните лидери. Оваа иницијатива, која партијата ја поддржува подолг период, се заснова на примери од европските земји како Обединетото Кралство, Полска и Молдавија, каде ваквите механизми веќе се применуваат.

Според нив состојбата во која градоначалниците можат да ги поминат своите мандати без да одговараат за несработеното, ги оштетува општините и граѓаните. Иницијативата за отповикување на градоначалници се споменува како начин за подобрување на транспарентноста и одговорноста на локалната власт кон оние кои ја избрале.

Од партијата потсетија дека уште изминатата година кога ја пласираа идејата за доверба или отповикување на градоначалник истата беше отфрлена.

„Воедно минатата недела поднесовме амандман на измените во законот за локална самоуправа, кој за жал не беше поддржан во Собранието. Но, добро е што само по неколку дена доаѓаат позитивни реакции и изјави по однос на нашата заложба. Подаваме рака да го изработиме предлогот и да го усвоиме сите заедно во интерес на граѓаните“, истакнуваат од ЛДП.

ЛДП почнува серијал на јавни трибини со сите засегнати страни, а пред се со граѓаните затоа што предлогот ги има нив во фокусот: да добијат отчетни институции кои ќе им служат лично нив, а не на сопствените и партиски интереси. Институции исклучиво по европски стандарди и хармонизација со европското законодавство.  ЛДП го повикува претседателот на ЗЕЛС и Министерот за локална самоуправа да се приклучат на оваа иницијатива.

ЛДП

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Остани поврзан