• понеделник, 18 ноември 2024

Куќата на Робевци, чувар на охридската историја

Куќата на Робевци, чувар на охридската историја
Охрид, 6 ноември 2022 (МИА) - Во срцето на старото градско јадро, препознатлива по својот изглед Куќата на Робевци ја чува историјата на семејството Робевци, но и на цел охридски регион. Репрезент на старата охридска архитектура, трикатно зданије изградено од двајцата браќа Анастас и Ангеле како двојна братска куќа. Првично изградена на два ката, но откако била запалена и изгорена до темел во 1861 година, две години подоцна била обновена од Анастас и најстариот син на Ангеле, Константин, со додавање на уште еден, трет кат, т.н. ширван. На приземјето се изложени епиграфски споменици од Охрид и околината, но и други вредни експонати. Во едното крило од првиот кат е сместена спомен поставката посветена на Робевци, изворните сопственици и градители на куќата, додека во другото крило во убави ветрини стилски наместена е етнолошката поставка. На вториот кат, во двете крила на оваа двојна братска куќа е археолошката поставка со „Златната соба“ и третиот кат е т.н Ширван или Охридската резиденција каде се изложени најдобрите примероци во резба изработени од познатите охридски мајстори, од познатата Охридска резбарска школа, која не постои повеќе. Куќата на Робевци, Музеј во Охрид веќе 72 години Веќе 72 години оваа куќа, која плени со својата убавина, е Музеј на Охрид, односно по Втората светска војна, во 1945 година, е заштитена како културно историски споменик, а пет години потоа е отворен Музеј. Во 1953 година зградата е национализирана и предадена на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид на трајно користење. Водејќи не низ музејските поставки, Атанас Кипров водич во Музејот ни раскажа за семејното дрво на Робевци, а ни ја покажа и етнолошката поставка со изложените предмети. Предметите кои се изложени во најголем дел се оригинално поседувани од членови на фамилијата Робевци, особено од доктор Константин. - Робевци се богата охридска фамилија, која според некои проучувачи се спомнува од 1379 година на надгробен натпис во црквата „Света Богородица Перивлепта“. Но, попознати се од времето на Стефан Робев, кој е основач на трговската фирма со која го стекнува тоа големо богатство. Тој кон крајот на 18 и почетокот на 19 век основал трговска фирма, која е проширена од неговоите синови Анастас (во некои извори се спомнува како Атанас) и брат му Ангеле, и нивните синови. Фирмата се бави главно со производство и продажба на кожи и крзна. Малкумина знаат дека Охрид е своевиден кожарски и крзнарски центар во 19 век во овој дел на Балканот и во Македонија. Заедно со Костур, во Северна Грција се двата главни кожарски центри во регионот Македонија. Таа традиција во Костур е се уште задржана, а во Охрид од поодамна веќе никој не се бави со овој занает, раскажува Кипров. Во Охрид одамна нема потомци на Робевци Последните потомци од фамилијата Робевци веројатно се иселиле во периодот меѓу Балканските војни и Првата светска војна. Денес, како што ни посочи Кипров, директни потомци имало во Скопје, најмладиот е роден во 2013 Иван Робев. Во Белград, во Лерин, каде носат форма на презимето Роби. Ги има и во Бугарија во Софија, но и во Холандија. - Потомци на фамилијата повремено доаѓаат во посета на куќата. Сакаат да ја слушнат приказната за Робевци, но и ние прашуваме дали имаат подобри сознанија за фамилијата, вели Кипров. Од она што се знае за фамилијата е дека не се познати само како трговци, туку и по тоа што произлегле голем број интелектуалци и високо образовани луѓе. - Најстариот син на Ангеле, Константин е првиот доктор на медицински науки во охридско-битолкиот крај. Докторирал во Виена во 1841 година и неговиот брат Ефтим, (кој починал многу млад не оставил потомци), докторирал во Лајпциг, Германија, каде извесен период бил и асистент. Од оваа фамилија излегле голем број интелектуалци во 19 век, во услови кога Македонија е дел од Османлиското Царство. Тоа е за почит, освен пари поседувале и интелект. Голем број од нивните потомци се доктори на медицина или други науки, додава Кипров. Синот на Анастас, Димитар, пак, е првиот пратеник во Османслискиот парламент во 70-тите години на 19-от век, претставник од Макеоднија од овие краишта. Познат бил како голем лобист за независна Македонија, но за жал неговите лобистички напори не вродиле со плод во тој период. Изложените предмети се оригинални од семејството Робевци Сите предмети во музејската поставка се оригинални, од семејството Робевци. Дел му се подарени на Музејот, а дел откупени во 90-тите години. - Ентериерот е карактеристичен за османлискиот период. Вградени плакари т.н. долапи, декоративни ниши, камари или камарчиња, како што ги викаат во охридскиот крај, шишиња од пијалоци, ѕидна слика или фреска насликана за време на обновата на куќата во 1862 година (на неа пишува) од познатиот Дичо Зограф, кој во тој период работи на декорирање на црквата Свети Никола Геракомлија во Охрид, која е во близина на куќата на Робевци. Секоја соба има засебно огниште..., појаснува Кипров. Во другиот дел од куќата, односно Музејот, е етнолошката поставка со предмети од Охрид и охридскиот регион. Во витрините е изложен накит, филигрански изработки, делови од носии од охридско поле и Дебрца, но и познатите градски облеки алатурка и алафранга. Посетителите можат да видта примерок и од појана пафта од сребро декорирана со седеф и охридкси бисери. Најгорниот, третиот кат или како што го викале Ширван, сведочи за некогашната Охридска резбарска школа и во него се изложени најдобрите примероци во резба изработени од познатите охридски мајстори. Слаѓана Стојкова Костоски

Остани поврзан