• четврток, 12 март 2026

Кумановските планинари на денешниот Меѓународен ден за заштита на планината упатија порака за почитување на планината

Кумановските планинари на денешниот Меѓународен ден за заштита на планината упатија порака за почитување на планината

Куманово, 11 декември 2025 (МИА) - Кумановските планинари на денешниот Меѓународен ден за заштита на планината упатија порака за зачувување на планините како непроценливо богатство на државата. Претседателот на планинарскиот спортски клуб „Поларис“, Бобан Стефановски ги повика кумановци и љубителите на планината да учествуваат на организира искачување на врвот Лисец (1.525 метри) на Осоговските планини.

По повод Денот на планината, планинарите испратија и важна порака дека зачувувањето на планинските екосистеми е обврска кон природата, кон животинскиот и растителниот свет, но и кон луѓето кои живеат таму. Планинарите се повикуваат да ги почитуваат патеките, да ја чуваат инфраструктурата, маркациите и обележувањата.

-Турата нуди живописно искуство, првиот дел води низ густа и магична шума, додека вториот дел се отвора кон панорамски погледи кон источните делови од Осогово. Целта е секогаш иста дружење, поврзување со природата и зајакнување на односот човек – планина. Иако, официјалниот Ден на планината се паѓа на работен ден, „Поларис“ го префрли обележувањето за недела, 14 декември 2025 година, за да им овозможи на повеќе љубители на природата да учествуваат. Турата е отворена за сите, а заинтересираните може да се пријават до 13 декември преку официјалните канали на клубот, изјави Стефановски.

Безбедноста е приоритет, укажуваат од „Поларис“ и нагласија дека искусните членови и водичите обезбедуваат правилно движење, совети за опрема и поддршка при евентуални предизвици. Планинарењето, како што истакнува Стефановски, има двојна здравствена корист ја зајакнува мускулатурата, коските и моториката, но истовремено е моќен вентил за ментално здравје. Помага во подобрување на фокусот, прочистување на мислите и градење на издржливост и ментална стабилност. Планината, вели тој, ни ја покажува силата што ја носиме во себе, а понекогаш и не сме свесни дека ја имаме.

- Денот на планината претставува значаен потсетник за вредноста и улогата на планините во нашиот живот. Иако формално се одбележува еднаш годишно, за љубителите на природата планините се секојдневие, извор на живот, чист воздух и биодиверзитет, како и дел од природниот систем без кој човекот не би можел да опстане. Тоа е дел од филозофијата на планинарскиот спортски клуб „Поларис“ од Куманово, кој традиционално го користи овој ден за да ја засили свеста за заштита и почит кон планинарската средина, вели Стефановски.

Планината, како што порачува Стефановски, секогаш го има последниот збор, а нашата должност е да ја почитуваме. ам/вј/

Фото: „Поларис“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан