• среда, 11 март 2026

Мицкоски - Мизо: Македонската економија се движи кон консолидирање, 55 отсто од странските инвеститори планираат повторни вложувања

Мицкоски - Мизо: Македонската економија се движи кон консолидирање, 55 отсто од странските инвеститори планираат повторни вложувања

Скопје, 11 март 2026 (МИА) - Македонската економија се движи кон состојба на консолидирање, 55 отсто од странските инвеститори планираат повторни вложувања, порачаа денеска премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Советот на странски инвеститори во земјава, Виктор Мизо, по состанокот во Стопанската комора.

- Имавме плодна и успешна дебата. За нас странските инвеститори се исклучително важни, се разбира исто како и домашните инвеститори, бидејќи економијата е една од главните приоритети на функционирањето на оваа Влада и сите оние атрибути кои се составен дел во таа борба за што подобра економија. Чувствуваме дека полека, но сигурно се движиме кон консолидирање и тоа во услови на исклучително големи глобални предизвици. Ценам дека македонската економија се движи кон состојба на консолидирање, се разбира предизвиците нема да сопрат, тие ќе продолжат, но ние се обидуваме да ги антиципираме и преку антиципирање да наоѓаме решенија за тие предизвици. Колку е државата посилна, толку и бизнисот повеќе вреди, толку и имотот повеќе вреди, колку е бизнисот посилен толку станува државата посилна затоа е многу важно да имаме ликвиден бизнис, економија, таа економија да си ги врши навремено обврските кон државата и кон буџетот, а се разбира со тие обврски и со солиден и ликвиден буџет ние ќе можеме да имаме повеќе капитални инвестиции, да имаме повеќе во здравството, да имаме повеќе во образованието, да имаме повеќе во земјоделието, повисоки пензии, повисоки плати,..., изјави Мицкоски по состанокот.

Тој напомена дека Владата ќе ги анализира критиките и аргументите изнесени на средбата.

- Ќе ги анализираме и таму каде што можеме да бидеме подобри, следната година ќе се потрудиме да бидеме подобри. Задоволен сум од фактот што е двоцифрен растот на процентот на оние компании што се задоволни од бизнис климата и дека се подготвени да ја прошират својата инвестиција во земјата. Се разбира дека ќе имаме предизвици, но ние како Влада мотивирани сме и сакаме да ги решаваме тие предизвици. Како што тоа го правевме многу пати во минатото, така и во иднина ќе се бориме за секоја инвестиција, за секое евро вложено во земјата зашто цениме дека со секое евро вложено во земјата, со секој денар вложен, ќе имаме побогата и постабилна земја, а тоа значи дека имотот на нашите граѓани и бизнисите на бизнисмените повеќе ќе вредат, потенцира премиерот и дополни дека следниот квартален состанок со инветситорите ќе биде во средината на јуни.

Според Мизо, на состанокот станало збор и за намалување за 50 отсто на царинските стапки што се очекува од 1 јули годинава, како и за зголемувањето на минималната плата.

-Педесет и пет проценти од компаниите дадода афирмативна одлука за реинвестирање во државата што е зголемување за 13 процентни поени од анкетата во 2024 година. Разговаравме и за останатите отворени прашања како дополнителното намалување за 50 отсто на царинските стапки што ќе се направи од 1 јули годинава, а тоа значи дека ќе имаме целосна хармонизација и поголема конкурентност на нашето производство тука и на исто ниво со конкурентноста во земјите на ЕУ. Во однос на минималната плата, ние го поздравуваме она што значи останување на заложбите врз основа на законски дефинираните регулативи и да се земе предвид и продуктивноста, а не да биде ад-хок зголемување само заради потребите кои не соодветствуваат на конкурентноста на државата, рече Мизо по средбата.

Тој ја поздрави отвореноста на Владата, премиерот, министрите и директорите на институциите.

-Задоволни сме не само од состанокот, туку и од отвореноста да се адресираат нашите проблеми. Имаме и покана за средби што треба да се случат веќе во почетокот на идната недела и, или во работни групи или на индивидуално ниво, треба да се разгледаат забелешките што беа посочени од наша страна, за да се дојде до решение и да се пребродат предизвиците, истакна Мизо. мч/са/

фото: МИА иу Влада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан