• понеделник, 23 декември 2024

Кривична пријава против началник во МВР за „несовесно работење во службата“

Кривична пријава против началник во МВР за „несовесно работење во службата“

Скопје, 7 март 2024 (МИА) - Кривична пријава е поднесена против началник на одделение во Одделот за дисциплински и судски постапки за „несовесно работење во службата“, соопшти МВР.

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Н.Ј., началник на одделение во Оддел за дисциплински и судски постапки, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението.

Пријавената, како овластено службено лице, несовесно постапила во вршење на своите овластувања на тој начин што не постапила по правосилна пресуда со која на работник требало да му престане работниот однос во Министерството за внатрешни работи, односно пресудата не ја доставила до надлежните служби во Министерството за да биде донесено решение со кое на работникот ќе му биде откажан договорот за работа.

- Пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која се потврдува пресудата на Основен граѓански суд Скопје, со која е одбиено тужбеното барање на вработената, во Министерството за внатрешни работи е примена на 08.03.2022, а на постапување до стручните служби на министерството е доставена на 27.02.2024, се појаснува во соопштението.

Од МВР соопштуваат дека поради потешко кршење на работниот ред и дисциплина, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Н.Ј. поднел предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изречена е задолжителна мерка за отстранување од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка. дма/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан