• понеделник, 23 декември 2024

Кривичен повторно ќе одлучува по барањето за амнестија на обвинетите во „27 април“

Кривичен повторно ќе одлучува по барањето за амнестија на обвинетите во „27 април“

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Одлуката за амнестија на обвинетите во случајот „27 април“ ќе биде соопштена дополнително или на следното насрочено рочиште на 14 декември, одлучи денеска Судечкиот совет при Основниот кривичен суд во Скопје.

На денешната расправа обвинителот Трајче Пеливанов и одбраната повторно се произнесоа во однос на барањето за амнестија, кое што еднаш веќе беше одбиено од Кривичен, меѓутоа потоа Скопската апелација со укинување на решението му наложи на Судечкиот совет при Кривичен да одлучи во однос на амнестијата.

Обвинителот Трајче Пеливанов на денешното рочиште побара да се расчисти ова прашање пред да започне главната расправа.

-Ценејќи ги наводите и во решението со кое се укина првостепената пресуда, и решението со кое се одлучуваше по жалбите на обвинетите, повторно по однос на примена на Законот за амнестија се согласувам дека, а во интерес на ефикасност и целисходност на кривичната постапка, да се расчисти ова прашање претходно, пред да започне главната расправа, рече тој.

И одбраната на обвинетите го посочија истото со барање за прекин на постапката.

-Сметаме дека, пред сѐ поради економичност и ефикасност на постапката оваа постапка, во однос на Трајко Вељановски, Спиро Ристевски и Миле Јанакиески треба да биде запрена согласно на цитираниот Закон за амнестија, рече адвокатот Еленко Миланов 

Судијата Илија Трпков, исто така, посочи дека ова прашање треба да се затвори и да се реши пред започнување на главната расправа.

-Не да чекаме да се оди во постапка па потоа да се реши ова прашање, потенцираше тој, земајќи го предвид принципот на економичност.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. 

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите Јанакиески и Ристовски добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК Атанасовски шест години затвор, и предметот го врати на повторно судење.

Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Трајче Пеливанов. ар/аа/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан