• понеделник, 23 декември 2024

Кошта: ЕУ треба да направи чекори напред во поглед на проширувањето со Западниот Балкан 

Кошта: ЕУ треба да направи чекори напред во поглед на проширувањето со Западниот Балкан 

Брисел, 12 декември 2023 (МИА) - Процесот на пристапни преговори на Украина со ЕУ не е можно да биде исклучен од кандидатурите за членство на земјите од Западен Балкан, бидејќи сите процеси на проширување мора да бидат оценети според постигнувањата и според оценката што ја дава Европската комисија, изјави португалскиот премиер Антонио Кошта. 

- Во однос на земјите од Западниот Балкан, веруваме дека е неопходно и можно да се направат чекори напред во поглед на процесот на проширување, порача Кошта. 

Тој додаде дека Португалија „има голема предност“ во дијалогот со земјите од Западниот Балкан, поради нејзината географска оддалеченост и историски и културни причини и затоа што „не е кум на ниту една од земјите“ од регионот и затоа што на сите нив гледа „со еднаква објективност“. 

- И така, можеме да бидеме искрени партнери во идентификувањето на проблемите, но исто така и во обезбедувањето политичка, техничка и финансиска поддршка за да се обидеме да ги надминеме тие проблеми, додаде Кошта. 

Според него, една од главните теми на претстојниот Самит на ЕУ, што ќе се одржи в четврток и петок во Брисел, ќе биде проширувањето на Унијата, прашање по кое позицијата на португалската Влада „е сосема јасна“. 

- Ако Европската комисија смета дека треба да се направи нов чекор кон отворање на преговорите со Украина, Португалија ќе ја придружува Европската комисија и ќе го поддржи напредокот во процесот на европска интеграција на Украина, рече Кошта. 

Тој додаде дека очекува Самитот да биде „долг и тежок“ и дека „веројатно нема да заврши в петок“, но сепак изрази надеж оти собирот ќе резултира со „посветеност од страна на ЕУ на очекувањата што самата ги создаде за Украина и за земјите од Западот Балканот“. 

- Ова е резултат на политички и морален императив, но и на правилно читање на геополитичките предизвици со кои се соочува ЕУ, заклучи Кошта. 

Инаку, како што јави дописникот на МИА од Брисел, прашањето за проширувањето е една од главните теми и на денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој се очекува да бидат усвоени заклучоците поврзани со овој процес, вклучително и околу продолжувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, што потоа ќе бидат доставени до лидерите на земјите членки на Унијата на претстојниот Самит. сп/са/

Фото: Икс

Остани поврзан